Портите на реката Црн Дрим се широко отворени и од нив истекува максимално количество вода од околу 50 метри кубни во секунда. Со ваквата мерка надлежните се обидуваат да го намалат високиот водостој на Охридското Езеро кое по обилните врнежи и топењето на снегот поради невообичаено високата температура за овој период од годината, вчера се искачи 12 сантиметри над максимално утврдената кота која изнесува 693, 75 метри надморска височина и се уште расте.


Портите на Црн Дрим широко отворени

Според проф. д-р Здравко Крстаноски од Хидробиолошкиот институт од Охрид, засега не постои опасност од поголемо излевање на Охридското Езеро во градските средини.

– Охридското Езеро според последните мерења се наоѓа на 693,86 метри надморска височина, што е за околу 5 сантиметри повисоко од долгогодишните средни осцилации на езерото, вели професорот Крстаноски, кој објаснува дека со девијацијата на реката Сатеска и поставувањето на привремениот регулатор во Струга  намалени се осцилациите на Охридското Езеро, што придонело за намалување на неговата површина.

Крстаноски објаснува дека студијата за регулирање на истекот на Охридското Езеро  е изработена во 1978 година, со која е предвидено максималната кота да биде на 693,75 метри надморска височина, а минималната на кота 693,10. Тој посочува дека со оваа студија е предвидено регулаторот на почетокот од Дрим да биде соодветно изграден така што во влажни периоди ги испушта високите води, а во сушните периоди да ја одржува минималната кота 693,10, но тој до сега не е направен.

– Можеби една од причините  за ваквата состојба покрај природните законитости е и ненавремено изграден соодветен регулаторен систем на истекот на Дрим од Охридското Езеро, истакна Крстаноски.

Тој појасни дека во Охрид нема опасност од поплави, затоа што кејот и областа околу пристаништето се наоѓа на 694 до 695 метри надморска височина. Главната улица во Струга е на 694,5 метри надморска височина, патот Охрид Струга, како и патот од Струга до Ќафасан е на 695 метри надморска височина.

– Евентуално би биле поплавени оние површини во Охрид кои се вештачки изградени на сметка на езерската површина со тампонирање, односно слегле под 694 метри надморска височина, како што се површините на потегот од Охрид до с. Подмоље, исто така делови кај струшко Калишта и некои делови од источното крајбрежје кај Љубаништа, смета професорот Крстаноски.

Сепак, додаде тој, генерално во овој момент со ваков режим на испуст на вода во Дрим нема опасност од поплавување на Охрид и Струга.

Г. Момироски