Нема информации за јавност за текот на посетата на експертскиот тим на УНЕСКО на Охрид, кој од вчера врши увид на културно – историските локалитети и природните вредности во градот поради кои тој е заштитен како светско културно наследство.
Утрово претставниците на УНЕСКО зад затворени врати остварија средба со градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, а предвидено е да се сретнат и со членот на Националната комисија на УНЕСКО Дејан Пановски. Детали од средбите не се соопштуваат.
Вчера експертите на светската организација заедно со директорката на охридскиот Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска ги обиколија значајните споменици на културата и локалитети во заштитеното градско јадро, меѓу кои и Плаошник каде во тек се градежни работи за возобновување на Светиклиментовиот универзитет. Тие неколку часа детално ги разгледуваа новите градби на Плаошник кои со габаритот доминираат на просторот. Во моментов таму се гради музејски комплекс, библиотека и резиденција на МПЦ, а според најавите тука ќе биде сместен и Богословскиот факултет, како и уште неколку други објекти. Ваквиот концепт наиде на критики во дел од стручната јавност, која смета дека со новите градби Плаошник, каде се наоѓаат Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон, вредни ранохристијански базилики и турбето на османлискиот великодостојник Синан Челеби, ќе ја загуби својата автентичност.
Рагираше и невладината Уфук Дернеги од Охрид, од каде забележуваат на несоодветен однос кон културните вредности од османлискиот период.
-Денес во модерното време сме сведоци како се уништуваат културно-историските градби од Османлиското време. Како најголема болка во нашите срца е Имарет (Плаошник). Тешко е да не разбере некој кој што не го знае вистинското значење на Имарет, тоа било место каде имало гостилници, образовни установи(медресе), хан(преноќиште), сарај, хамам, народна кујна каде се делело храна за сиромашни луѓе, без оглед на пол, вера, нација. Тоа се случувало во Османлиско време, а денес само воздухот ни е бесплатен.-велат од невладината организација. Оттаму сметаат дека постои тенденција Имарет а воедно и Охрид да се прикаже како ризница на една нација, една религија, една цивилизација. „Со тоа не само ние Турците, туку најмногу губи и градот Охрид. Шармот, разноликоста, заедничкото богаство исчезнува.“, велат од Уфук Дернеги.
Според најавите експертите на УНЕСКО денеска ќе отпатуваат за Скопје каде ќе се состанат со претставници на министерствата за култура и за транспорт и врски. По заминувањето од земјава комисијата на УНЕСКО ќе изготви извештај за состојбата на заштитените вредности во Охрид.
OhridNews