Не стивнуваат реакциите од сите страни во Македонија на извештајот на Европската комисија во кој е изставен македонскиот јазик.

По спортските асоцијации, Струшките вечери на поезијата и други здруженија и институции, писмо со рекација до еврокомесарот Филе вчера упати и Македонскиот ПЕН центар, во кое се осудуваат најновите негирања, притисоци, уцени и напади врз јазичниот, културниот и националниот идендитет на македонскиот народ изразени во Годишниот извештај на Европската комисија за Македонија во кој, како што се вели во реакцијата, прашањата од највисоко значење со невидена леснотија се прогласуваат за технички.

Македонскиот ПЕН центар бара од Европската комисија да ги има предвид и да ги почитува сите писма, апели, соопштенија и изјави што во врска со ова прашање во континуитет и се упатуваат од повеќе меѓународни конгреси и конференции на Меѓународниот и повеќе национални ПЕН центри.  Притоа Управниот одбор на Македонскиот ПЕН центар потсетува дека уште на 2 декември 1992 година, на 58-от конгрес во Рио де Жанеиро, Меѓународниот ПЕН јасно и недвосмислено се определи по ова прашање и донесе посебна резолуција со која се признава правото на македонскиот народ на сопствено име, јазик и култура.

Реагираше и Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје, според кој изоставувањето на придавката „македонски“  во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија претставува уште еден чин на отворено негирање на македонскиот национален идентитет и директен притисок врз Република Македонија за промена на нејзиното уставно име. Институтот за историја смета дека приклонувањето на Европската унија кон Република Грција во поглед на наметнатиот спор со името, не само што нема да го реши проблемот, туку ќе ги влоши македонско-грчките односи,

Писмо со осуда за неименувањето на македонскиот јазик во извештајот на Европската комисија до еврокомесарот Филе испрати и Сојузот на Југословените во Македонија. Во него се наведува дека
службениот јазик на Република Македонија е македонскиот и дека тој исто
така бил еден од трите официјални јазици на Социјалистичка Федеративна
Република Југославија.

OhridNews