Затоплувањето на времето и повисоките температури кои се најавуваат од наредната седмица се вистинско предупредување за лицата кои страдаат од пролетни алергии, велат лекарите. Тие објаснуваат дека влагата од дождот деновиве значително ја ублажи концентрацијата на полен во воздухот, но сувото и сончево време, многу повеќе ќе предизвикува алергиски реакции.
Во текот на изминатите две недели кога времето беше потопло лекарите по општа пракса од Охрид примиле многу голем број на пациенти со алергиски симтоми.
-Со цветањето на пролетните билки и дрвјата, во текот на минатата недела, голем број лица од различни возрасти се пожалија на симптоми на алергиски реакции. Генерално алергиските симптомите се различни. Најчесто се јавуваат во форма на кивавица, кашлање, излачување на поголема количина на слуз од носот, потешкотии со дишењето како и оток или солзење на очите. Исто така алергиите можат да се јават на кожата, во вид на дерматитис, егземи, осип и јадеж, појаснуваат лекарите, со кои поразговаравме на оваа тема.
Тие нагалсуваат дека интересен е фактот што од година во година расте бројот на лица во Охрид, кои страдаат од алергија.
-Во минатото никогаш не сум била алергична, но во текот на изминатите недели, кога времето беше потопло, забележав гребење во грлото, тешко дишење преку носот и постојана кашлица. Симтомите беа многу поинтензивни кога бев излезена надвор. Докторот ми препорача да направам алерго-тест, кој покажа дека сум алергична на полен, вели Снежана. Е (48), која ја затекнавме во една охридскa ординациja.
Освен редовната тарапија која треба да ја примаат алегичните, за време на цветањето на растенијата и поголемата концентрација на полен, треба да се затвораат прозорците и да се избегнуваат чести излегувања надвор, кога времето е топло. Тоа значи дека алергичните лица можат слободно да се движат надвор единствено само кога времето е врнежливо.
Е.М