Своите идни концесионери ги чекаат Плажа број 5г, Плажа број 10, Плажа број 11, Плажа број 14 , Плажа Лабино и Плажа Грашница 3. На јавното надавање се издава и Плажата Дебарца која се наоѓа наспроти пистата на аеродромот Св.Апостол Павле.
Според објавениот оглас, право на учество на јавното наддавање имаат домашни и странски правни и физички лица.
-Најповолниот понудувач е должен уредувањето на плажите, согласно Урбанистичко техничка документација за уредување на капалишта, да го заврши најдоцна до 15 јуни 2012 година. Понудувачот е должен пред склучување на договорот за доделување на краткотраен закуп на плажите во Охрид, во рок од 15 дена да достави банкарска гаранција од 1 милион денари, со која ќе гарантира дека плажата ќе биде уредена согласно правилата и дека во текот на закупот ќе ги исполнува договорените услови, пишува меѓудругото во јавниот оглас.
Почетната цена на електронското јавно наддавање за едногодишна закупнина за охридските плажи изнесува 80 денари од метар квадратен. Едногодишната закупнина за плажата во општина Дебарца изнесува 5 денари од метар квадратен.
Овие плажи не беа издадени со претходните објави затоа што старите концесионери, кои стопанисуваа со плажите, во текот на претходните години не се пријавија за лицитација. Тие неодамна јавно побараа од Министерството за транспорт и врски да ја намали цената на плажите на потегот од Горица до Лагадин и да ја укине банкарската гаранција.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека доколку некоја од плажите не се издаде под концесија ниту едно правно или физичко лице нема да има право да оперира со таа плажа, односно ќе биде слободна за користење на сите граѓани.