Државниот инспекторат за труд најави дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од денеска ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

Но, оваа недела трговците во Охрид, ќе може да работат. Подрачното одделение на Инспекторатот за труд појасни дека измените во Законот за трговија со кои недела задолжително станува ден за одмор за вработените во над 90% од дејностите, на сила стапуваат на 3 јануари.

Ова значи дека охридската трговија може да работи овој викенд односно и во недела согласно правилата кои важеа и досега. Овој викенд може да работат слободно согласно Законот за работа во недела и државни празници. Треба трговците да ги имаат известено службите и да им платат на вработените зголемен надоместок, вели Трајче Костески, Раководител на одделение за инспекциски надзор во областа на работните односи во Охрид

Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.

Известувањето за вршење работа во недела, работодавачите можат да го достават електронски на следната меил адреса: [email protected] или во архивите на подрачните одделенија на ДИТ како и во централната архива во седиштето на ДИТ на бул. Партизански одреди бр.48А, Скопје.

Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони. Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд, се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.

Со ова известување Државниот инспекторат за труд сака уште еднаш да нагласи дека при инспекциските надзори приоритет ќе биде доследната примена на овие законски норми, а со цел заштита на правата на работниците, стои во соопштението од Државен инспекторат за труд.

Викендов, како што е најавено ќе има контроли не само по трговските, туку и во угоститеслките објекти во Охрид.

Трудова инспекција веќе организира дежурна служба за работа во недела. Тие кои немаат право да работат ќе бидат санкционирани, додека тие кои имаат право да работат ќе бидат проверени на кој начин ја реализирале исплатата на вработените и сите други обврски кои ги имаат, потенцира Костески.

Додава дека очекуваат да има и пријави од граѓани, па тука се да интервенираат соодветно на добиените пријави.

OhridNews