Уште еден тежок инцидент проследен со насилство се случи утрово во Охрид.

Како што соопшти СВР Охрид четири лица околу 4.40 часот го нарушиле јавниот ред и мир во  ноќниот клуб „Наполеон“, каде кршеле шишиња и го демолирале инвентарот. Лицата вербално се заканувале на обезбедувањето на клубот, најавувајќи дека ќе се вратат со оружје, по што го напуштиле објектот. Расправијата надвор продолжила со довикување и вербални закани, а по извесно време еден од нарушителите на јавниот ред и мир се појавил со ловна пушка.  Обезбедувањето го засолнило персоналот и го затворило објектот. Предизвикувачите на инцидентот се обиделе повторно да влезат во клубот во што не успеале,  по што од надвор се слушнал истрел од огнено оружје.

Непосредно потоа на местото на настанот пристигнала елкипа на полицијата која ги привела нарушителите на јавниот ред и мир. Првично полицијата сите нив ги сомничеше за извршено кривично дело, но по завршување на распитот, СВР Охрид  најави дека кривична пријава ќе биде поднесена само против лицето кое употребило огнено оружје за основано сомневање дека е сторител на кривично дело:“предизвикување на општа опасност и недозволено држење изработување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Синоќешниот е трет сериозен инцидент овој месец во Охрид. Пред две недели неколку вооружени лица упаднаа во угостителски објект во центарот на градот и го опожарија, а пред два дена исто така во центарот на градот беше нападнат и претепан жител на Охрид.

И покрај зачестените инциденти, СВР Охрид безбедносната ситуација во градот ја оценува како стабилна. 

OhridNews