Големата спортска легенда, Атина Бојаџи, во ноември за „Охридски новини“ го даде последното интервју за локалните медиуми. Разговорот за животниот пат на големата хероина го направи колешката Ангела Белевска, не претпоставувајќи дека тоа ќе биде последниот разговор со Атина Бојаџи, кој OhridNews го пренесува во целост.

“Атина ти можеш и мора да успееш“, беше мислата што ме водеше до секој мој  светски успех – Атина Бојаџи

За неа и нејзините успеси на професионален план се зборувало и пишувало многу. Нејзиниот живот  е мотив за многу  документарни и еден игран филм. Жената која беше на речиси секоја насловна страна од југословенските списанија и магазини затоа што ги сруши сите светски рекорди во пливање, легендарната Атина Бојаџи,  денес за охриѓани во “Охридските Новини“ ја раскажува својата животна приказна. Младата,  храбра охриѓанка која е и единствената жена во Светот што го препливала Средоземното  море и каналот Ламанш а со тоа и го обезбеди првото место на Македонија во светскиот спортски живот, денес живее скромно надвор од родниот град. Судбината, а не таа сакала да биде така, зошто Атина не верува дека ќе се најде Влада која ќе и подари дом во родниот Охрид. Дамата за чиј успех светот и симнува капа, жената која од либанскиот претседател е одликувана со орден на храброст денес живее во Владин стан од кој секоја Власт може да ја протера кога и да го науми тоа. Неа пак, најверојатно нема да и се  исполни желбата, остатокот од животот да го помине и да умре во родниот град.


 Единствената во многу нешта, пожртвуваната мајка и пред се голем човек, легендарната Атина Бојаџи која е  прогласена за спортист на 20-от век, за своите постигнати професионални успеси добила огромен број награди и признанија, медали и пехари кои се златни или сребрени, зошто на која и трка да учествувала го освојувала првото или второто место.
“Јас не сакам бисти и споменици да ми се подигнуваат по мојата смрт. Ние Македонците треба да се научиме дека вистинските вредности треба да ги негуваме додека ги имаме а не откако ќе ги изгубиме“, вели Атина Бојаџи        

Мајско сончево утро. Скопје се будеше од сон а јас  потоната  во сопствените мисли  ја проверував  личната   меморија  и движејќи се  по улицата “Партизанска“ се препрашував себе си. Кое презиме стоеше зад името на познатата југословенска актерка Неда на која и припадна честа да го глуми ликот на познатата пливачка и најдобар спортист на 20 -от век Атина Бојаџи ,во култниот филм “Исправи се Делфина“  посвестен токму за неа?…. Ја решив загатката си помислив за миг, Арнериќ, беше тоа  и брзајќи  накај населбата Лептокарија  се загледував  во убаво уредените со зеленило и  пролетно цвеќе паркови. Воодушевена од шаренилото и утринскиот мир кој му дава посебен шмек на нашиот главен град во пролет, се сретнав со легендарната  а сепак наша, Атина Бојаџи. Жената која ги сруши сите светски рекорди во пливање. Жената која покажа дека е похрабра и посилна  од маж затоа што успеа само таа и еден Египќанец да ја препливаат патеката на маратонот во Средоземното море. Уште поголема е честа за нас, Македонците  што е наша, меѓу нас е, единствената  дама во Светов која го преплива   застрашувачкиот канал Ламанш….. 

 “Охриѓанка пречекува охриѓанка во Скопје“, низ насмевка прокоментира госпоѓата Бојаџи и движејќи се накај нејзиниот дом  и раскажував  за случувањата во нејзиниот роден и сакан Охрид а меѓу другото и  спомнав и  за мојата дилема која ме мачеше во моментите пред нашата средба.


“Драга моја, филмот “Исправи се Делфина“  мене во исто време ме прави поносна и горда но и несреќна и тажна. Во него реално е прикажан мојот професионален но не и приватен живот“, рече тетка Атина и   замислувајќи   се за миг продолжи, “ … Мојата мајка која  го носеше твоето име Ангела, а татко ми Анастас ја имаа преточено сета нивна позитивна енергија во мене. Тие беа доста добри и пожртвувани родители кои секогаш ме учеа дека јас сум доволно силна и можам да направам се што ќе наумам. Јас никогаш нема да го заборавам трепетот во гласот на мајка ми која пред иконите и запаленото кандило  во семејната куќа сместена спроти црквата Св. Софија во Охрид,  се молеше за мене, да  и излезе ќерката здрава и жива од вода по првата трка.  Да,  првиот Охридски пливачки маратон во 1962 година беше мое прво јавно сериозно зачекорување во мојата кариера. На овој маратон односно прв натпревар за мене јас ја понесов победата. Секако мајка ми беше горда и поносна што јас, нејзината мала Атина бев победник  во конкуренција на 40-ина  искусни пливачи од  цел Свет. Но  таа беше најсреќна  што јас бев здрава и жива. За жал поради нејзината парализа што ја носеше од моето рано детство таа не беше меѓу тогашната бројна маса луѓе што ги пречекуваше маратонците на целта. Болеста не и дозволуваше да се прави “важна и поносна“ со сопственото чедо пред толпата насобран народ. Татко ми, почина млад и успеа да ги види моите успеси на кратки патеки и да се гордее што ете неговата ќерка стана светски првак во слатки води, но за жал не ги доживеа моите  најголеми успеси на долги патеки кои ме прославија во светов, препливувањето на Средоземното море на Либанскиот маратон и испливувањето на каналот Ламанш.   


 
 Атина Бојаџи во меморијата на нејзините врсници останува запаметена како живо љубопитно дете. Кога охриѓани  ја коментираат  велат дека најверојатно прво  пропливала а потоа    проодела, затоа што по иницијатива на  нејзиниот брат Дики кој е пет години постар од неа и кој исто така е светски познат пливач, почнала да тренира пливање.

“ Имав 11 години кога заедно со брат ми Дики влегов  во базенот кој се наоѓаше пред градското  пристаниште во Охрид да тренирам пливање. Базенот беше импровизиран   долг 50-ина  метри. Ние немавме услови за работа како другите, трениравме само  преку лето. Кога завршив гимназија се омажив и престанав да спортувам. Во 1962 година брат ми Дики веќе беше на Капри, пливаше таму. Велат, судбината си го прави своето. На мене извршија притисок да учествувам  како што претходно спомнав на првиот Охридски  пливачки маратон на кој освен мене не учествуваше ниту една жена од Југославија. Искрено, не знам ни јас каде ми беше паметот затоа што неколку години не сум тренирала пливање. Тренинзите за маратонот траеја само 2-3 месеци. На некој начин сите се смееја , новинарите пишуваа со иронија како можам да победам со толку малку подготовки. Но ете, се случи тоа што се случи, победив. Јас мислам дека мојот карактер е таков каков што е, ако се зафатам за нешто морам да го завршам. Тогаш се пливаше многу подолга патека од денешната која е долга од Св. Наум до Охрид. Тогашната маратонска патека беше од  село  Пештани до Струга и од Струга до Охрид. При  поминувањето на  целото езеро пливавме  и низ реката Црн Дрим каде има струење и поради тоа пливачката патека е многу потешка. На првиот пливачки маратон во Охрид имаше пливачи од цел свет. Стартот беше рано утрото. Верувајте дека ни јас не верував кога на таблата од чамецот што ме следеше видов дека сум  прва во женска конкуренција. Нормално во пливањето има и кризи во кои треба духовно да бидете многу силни. Јас бев психички подготвена да пливам и морав да дојдам прва на целта. Јас си имав зацртано во својата глава дека не смеам да ги разочарам охриѓани и македонскиот народ. Бев прва. Чувството беше прекрасно, ни сама не верував дека ја испливав патеката и бев прва. Станав светски првак во пливање во слатки води. Бев популарна и славна. Денес ми е драго што јас како охриѓанка и Македонка постигнав светски успех што досега ниту една друга жена не го има постигнато.“

 Атина Бојаџи два пати била прва на Охридскиот пливачки маратон. Всушност,таа на сите натпревари на  кои учествувала освојувала или златен или сребрен медал.  Во тој метеж на меѓународни натпревари  во меѓувреме  го раѓа  синот, на  дочекот на  Новата 1965 Година и затоа  го носи името Новак. Кога тој бил 8-9 месечно бебе  Атина заминува  да плива на Капри Наполи што како натпревар се одржува до денес.


Но, сепак она што Бојаџи ја возвишува и секогаш  и го дава приматот во светската  спортска историја е маратонот на Средоземното море во Либан  и препливувањето на каналот Ламанш.

“На мојата кариера белег остави маратонот на кој се пливаше од Сајда до Бејрут мислам дека се одржуваше истата година како и Охридскиот пливачки маратон 1962 година. Но ако пливачкиот маратон во Охрид се одржа во месец август тој се одржуваше во октомври или ноември. Во Бејрут отидовме цела екипа во која беа и Климе Савин и Нико Нестор.  Во спортот не зависно за кој вид станува збор, 2-3 часа пред натпреварот не смеете да јадете затоа што храната треба да биде добро сварена. Ние вечеравме подоцна, јадевме покалорична храна со намера да имаме доволно енергија за натпреварот чиј старт беше закажан  за утредента со почеток во 6 часот. Значи се пливаше на Средоземно Море, се стартуваше од едно пристаниште во едно мало  либанско гратче и од таму требаше да се стигне до Бејрут. Вечеравме покалорично затоа што утрото пред стартот можевме да се напиеме само вода или сок. Тогаш не примавме никакви стимулации за да можеме да издржиме. Јас и денес сум на ставот дека ако си спортист докажи го тоа без никакви стимулации. Откако се подготвивме за она што не чекаше  утредента си туривме чај, вода или сок и само што потонувавме во сонот, околу 23 часот  организаторите на трката не разбудија и ни рекоа дека  стартот  се презакажал  и ќе биде за еден час точно на полноќ. Тоа беше шок за сите учесници, стартот не беше осветлен. Имаше еден импровизиран мост од каде  требаше да се скокне во вода. Сите 30 учесници скокнавме од тој мал мост а јас при скокањето си ја  повредив  ногата. Во таа темнина не можев убаво да го видам чамецот кој ме пратеше за време на трката а светилката која беше поставена на него често се губеше од мојот видик. Трката почна,… бевме оддалечени 4-5 километри од  брегот. Јас почнав и да повраќам затоа што стартот на трката беше многу брзо по вечерата а  имаше  и многу бранови. Во чамецот што го следи пливачот секогаш има двајца интернационални судии, тренерот и веслач. Сите тие кои мене ме пратеа цело време ме бодреа и ми велеа ,“Ајде пливај, ништо не ти е“…  Јас бев навистина во лоша состојба, пливав и повраќав, значи целосно исцрпена бев во водата која беше доста студена.  Некако успеав да се средам со стомакот, ми дадоа чај и продолжив  да пливам, меѓутоа во таа исцрпност не можам ни јас да се опишам во каква  состојба бев. Едноставно имав чувство дека спијам а во исто време и пливав. Бев во бунило … Наеднаш ги отворив очите и пред мене видов само огромни бранови кои најверојатно го одвеле чамецот што ме следеше, тој како да исчезна ,го снема…. Тогаш бев толку исцрпена, не го гледав брегот, не знаев во кој правец да тргнам, право, лево или десно, каде да одам.. ми се случи  една конфузија во главата. Во еден момент го слушнав свирчето на тренерот. По половина или еден час меѓусебно барање се најдовме. Во време на трката такво загинување ни се случи на два пати.  Се раздени го дочекавме утрото а јас непрестајно пливав, не можам ни да набројам колку кризи сум имала колку пати сум плачела. Викав, дека  ќе излезам, дека  не можам повеќе но од чамецот ги слушав за мене познатите гласови кои ми возвраќаа “ Не, ти можеш,ќе успееш!“. Пливав, пливав до утредента односно до вечерта. Некаде околу 19.30  часот излегов од водата. Бев победник во трката и од сите 30-мина покрај јас исплива и еден Египќанец, сите други се откажаа. Таква трка повеќе никогаш не се одржа…,“ ми раскажа тетка Атина и сакајќи да ги сокрие солзите и трепетот од спомени што ја враќаше во бурното минато, стана за миг и отиде во соседната просторија да стави турско кафе.

За тоа време јас ги гледав фотографиите на кои се овековечил споменот кога  претседателот на Либан и доделува  признание и медал за храброст на 18 годишната охриѓанка Бојаџи која успеа да ја преплива маратонската патека на Средоземното море. Всушност станува збор за медал што се става на ревер а обично го добиваат заслужни војници по завршување на некоја голема војна.


 Носејќи ги двата филџани со кафе тетка Атина продолжи да ја раскажува животната приказна за која многу филмски работници велат дека е привлечна за режирање филм.

“Кога се вратив од Бејрут во родната Македонија и  тогашната Југославија веќе бев ѕвезда. Дочекот што ми го приредија на аеродром не се опишува со зборови и во тој период бев речиси на секоја насловна страна од тогашните весници, списанија и магазини. Јас мислам дека тој успех што  го постигнав тогаш не го има повторено ниту еден друг пливач, затоа што не стануваше збор за должината на  пливачката патеката  туку за огромното невреме кое не снајде при трката на либанскиот маратон. Тоа е една трка која и ден денес ја паметам. Тоа беше мој голем успех за моите 18-19 години кои тогаш ги имав“.

Во  месец септември или  октомври 1965 година Атина  со сопругот и синот  се преселуваат  во Белград.   Нејзиниот  сопруг кој бил   воено лице а потоа завршил уште еден факултет станал  професор на белградската академија. За Атина пак, спортскиот живот одлично продолжува таму. За нејзе се пишувало  и зборувало  низ сите тогашни медиуми и секаде се потенцирало дека таа е Македонка. Нејзините тамошни тренинзи почнуваат во спортскиот клуб “Црвена ѕвезда“ каде   имала многу подобри услови за тренирање отколку во Охрид затоа што постоел   летен и зимски базен. Постојано  една патека  била пуштена исклучиво само за Атина, другите пливачи не смееле да влегуваат во неа.

“ Тогаш кај еден мој драг пријател а голем новинар, Милутин Грегориќ??? се роди идејата да го препливам  каналот Ламанш преку кој се поврзуваат Англија и Франција.  “Зошто да не и Ламанш?“, ми велеше тој кога доаѓаше да се рекреира на базенот. Јас на почетокот велев, “Ма каков Ламанш не доаѓа во предвид.“ Сето тоа го кажував затоа што колку толку сум читала и знам што значи Ламанш дека водата е екстремно студена. Меѓутоа  Грегориќ почна да си работи на случајот,  да се распрашува ,затоа што на Ламанш   поради природните  тешкотиите  што во него постојат не се одржуваше  пливачки натпревар  во форма на трка,  туку таму одите индивидуално па дури  и плаќате еден вид котизација за пливањето на Федерацијата, на капетанот  и луѓето кои за време на трката  ве следат со брод… Јас на крај попуштив пред судбината и почнав психички да се подготвувам и да тренирам за натпреварот што ме чекаше на Ламанш. Мојот сопруг како воено лице не смееше да ја напушти Југославија, затоа извади цивилен пасош и на Ламанш  ме следеше  како тренер. Во бродот заедно со него беа еден новинар, фото репортер, лекар, капетан. Во Англија отидовме на почетокот од месец август 1969 година и чекавме речиси месец дена да ни закажат термин за пливање затоа што Ламанш е нешто невидено, неверојатно. Јас прв пат кога влегов во таа вода издржав пет минути а потоа брзо излегов  и влегов во када. Плачев, затоа што мислев дека нема да успеам, не ќе можам да издржам. Таму ја имате таа неверојатна плима и осека,поради која во рок од 24 часа морето се повлекува. На пример, надоаѓа  кон Англија и се повлекува од Франција по 300 метри. Ете, тоа е тежината на Ламанш. Ако ве фати таа осека  при пливањето едноставно како правосмукалка ве враќа назад во Франција и тогаш кога вие веќе  го гледате брегот. Тоа на жалост ми се случи мене. Еден ден  по едномесечно чекање ни кажаа дека дента треба да бидеме во Франција затоа што утредента ни бил стартот. Наводно времето ќе било погодно за старт. Целата екипа отидовме во Франција. Утрото  пред влегувањето во вода ми пристапи човек во инвалидска количка пратен од Американскиот претседател Никсон и ми рече на македонски јазик: ( тоа го научил од луѓето околу мене) “Пливаш, сигурно до Англија,….Браво Атина….ајде, можеш“, тие негови зборови секогаш ќе останат запечатени во мојата меморија. На самиот брод што ме следеше имаше поставено чамец затоа што бродот не можеше да исплови до брегот  и токму затоа во  чамецот беа судиите кои ми го означија стартот со цел трката да биде регуларна . Откако ме премачкаа со маст која не е кој знае каква заштита, стартот почна во 6 часот и 10 минути. Искрено да ви кажам беше доста напорно. Водата беше многу ладна и не знам од каде Господ ми даде снага и сила да успеам. Постојано во главата ми се вртеа овие мисли: “Атина, мораш тоа да го издржиш“ јас не смеев да го разочарам македонскиот и југословенскиот народ. Пред заминувањето по сите медиуми  се најавуваше моето учество на  Ламанш. Поради тоа јас не смеев да си дозволам никаков пораз.  Добро паметам дека  во тоа време  атлетичарката  Вера Николиќ беше прва на светското првенство во Мексико, меѓутоа на натпреварот во Лондон таа се откажа. Дали поради таа нејзина  постапка или поради други причини некои луѓе и новинари не веруваа дека ќе успеам да го препливам Ламанш. Имав огромна волја да испливам и  да стигнам на целта. Пливав, пливав, и на речиси два километри од брегот кога ќе ја кренев главата си велев себе си “Еве, тука сум уште малку“, меѓутоа тогаш  се случи нај непосакуваното, …настапи  таа несакана осека и едноставно  почна да ме влече назад во Франција. Тоа беа најтешките моменти во мојата кариера…. Потоа откако излегов на копно ми кажуваа дека капетанот на бродот  Петар Хачинсон ???, велел :“Јас се ќе направам се  да  испливаш до целта Атина, нема шанси да излезеш надвор кога стигнавме до тука!“, и навистина тој го заврти бродот накај брегот. Јас испливав за едно 9 часа и 30 минути до тука а  вкупно за 13. часа и 30 минути до целта. Значи замислете, поради осеката тие  последни два километри сум ги испливала за 4 часа што во други околности без несакани појави ги препливував за неколку минути. Тоа беа психички најтешките моменти за мене, го гледам брегот а не можам да излезам. Значи тие последни часови до брегот беа пеколни . Со мака успеав да испливам  до огромното англиско пристаниште  во Довер кое е многу длабоко навлезено во морето поради тие осеки и на  тоа пристаниште  преку токи- воки, Хачинсон повика  на помош неколку бродови што беа тука закотвени. Тие се поставија во таква положба што ми направија патека и полека, полека го дофатив дното. Станувам, и повторно водата како да ме влече назад. Сепак на сета мака останав присебна  и почнав да одам четвороношки, затоа што според пропишаните пропозиции  мора да се исправите да одите на суво за да ви важи победата. Јас успеав….., излегов од водата, се исправив ја поминав целта….. и паднав. Но го постигнав она што го имав зацртано. Го препливав Ламанш…. Настапи огромна еуфорија . Со пливањето јас и мојата екипа стигнавме од Франција во Англија. Ме качија на бродот и тргнавме да ја поминеме царината   односно да се вративме во Франција. Стигнавме во хотелот, сите уморни легнаа да спијат а јас од преголем замор не можев да заспијам си слегов кај портирите и цела ноќ си разговарав со нив. Се уште не свесна од случувањата  јас станав славна. Новинарот и  фото- репортерот си заминаа за Југославија наредниот ден по трката а јас и  докторката се вративме во Белград после два дена. Таму ни приредија величествен дочек . На аеродромот не пречека огромна маса луѓе а јас  изненадена од брзината со која ми пристапуваше мојата популарност и слава,  ја прашав  докторката: “Весна за кого се собрале олку луѓе, кој патуваше со нас?“. Таа се насмевна и ми рече “ Тие се тука за тебе“. Пред  полетувањето  за Југославија, пилотите на авионот ми укажаа дека им е чест да ме возат мене и ме повикаа да одам во пилотската кабина. Како што кажав дочекот во Белград беше величествен, аеродромот беше преполн со луѓе. Цела една свита од коли и пешаци се движеше зад мене. Дојдовме до  нашиот дом во Белград  и јас веднаш си го побарав синот Новак кој тогаш за време на моето отсуство престојуваше кај свекрва ми во Сараево. Новак тогаш немаше ни полни 4 години, тој за сето тоа време ми недостигаше најмногу од се. Ми ласкаше огромниот автомобил кој беше полн со цвеќе и букети кои беа толку на број што не знаев каде да ги ставам, но моја вистинска радост беше средбата со син ми. Се изолирав од сите и целиот ден му го посветив на Новак.

 По враќањето од Англија, Атина со помош на  претставници од весникот “Илустрована политика“ кој целосно застанува  зад неа  и финансиски ги покрива трошоците за нејзиното  учество   на Ламанш, доаѓа во родниот  Охрид. Храбрата и  популарна сограѓанка охриѓани ја пречекуваат спектакуларно.

“ Јас секако го зедов и Новак а мажот ми поради работните обврски не можеше да дојде во Охрид. Дочекот беше прекрасен, од селото Косел до плоштадот во центарот на Охрид имаше колони од луѓе. Јас седната во кабриолет во таа гужва го слушав гласот на син ми кој во плач викаше: “Мајко, кои се овие луѓе, што е ова?“. Јас навистина до ден денес нема да го заборавам тој дочек, беа излезени речиси сите охриѓани.“ 


 Меѓу бројните натпревари и тренинзи Атина успева  да  заврши Виша тренерска школа и педагогија и  по завршувањето на пливачката  кариера  почнува  да се занимава со просветителска дејност во Белград. 

“Еден период отидов во Америка како туриста, и по иницијатива на моите пријатели се задржав подолг период. Веројатно во мене има некој авантуристички дух, јас зедов неплатено шест месеци од работното место. Тогаш зборував добро француски и италијански јазик а англиски “чад –пат“. Отидов на курс и во прво време почнав да работам во едно многу богато еврејско семејство. Бев придружничка на старата госпоѓа и во меѓувреме толку се спријателив со членовите од  семејството што тие сакајќи да останам крај нив ме подучија да ја нострифицирам дипломата за тренер. Тоа го сторив и така почнав да работам во еден спортски центар. Работев на струката. Во клубот бев добро прифатена и стално примав пофалби од сопствениците. Добив зелен картон односно го легализирав својот престој во САД и само што требаше да го добијам пасошот се случи тоа што се случи, најголемата глупост на бившите југословенски простори,  војната во Босна и Херцеговина ,Републиката во која живееше мојот син Новак. Во тоа време немаше тешкотии да се добиваат визи за Америка како што е тоа случај денес. Јас напишав писмо до гувернерот на Калифорнија  со содржина во која велам : каква држава е таа која зборува за човековите права а реално ништо не превзема за нивна заштита. По една недела јас добив одговор на писмото односно беше повикан мојот син да оди во американската амбасада во Босна каде ќе го чека визата. Меѓутоа мојот син си е мој син, тврдоглав, одби да дојде во Америка. Јас како мајка распродадов  и подарив се што имав,  се спакував и во  месец  ноември 1991 година слетав на сараевскиот аеродром. Една година подоцна започна војната, вистинско лудило кое траеше три години. Само што го средив станот во кој живеевме јас и син ми, добивме предупредување најпрво од сосетките дека е добро да го напуштиме станот затоа што зградата се наоѓаше во муслиманскиот дел на градот и дека сигурно завојуваните страни воените  пресметки ќе ги реализираат  токму од него. Најопасно беше за син ми, тој премина во Ниџе а јас останав  да го чувам станот. Три години ужасен пекол.  Ние  христијаните кои останавме во тој дел од Сараево бевме повеќе гладни отколку сити односно јадевме само  кога Хуманитарната организација ќе ни доделеше храна. Немавме ни вода, истата ја набавувавме од место оддалечено околу четири километри од зградата. Немавме вода, храна и струја,… буквално немавме ништо. Тоа што сум го доживеала таму не се опишува со зборови и на никого не му го посакувам.  Три годишен ужас во кој не знаев дали ми е синот жив а и тој ништо не знаеше за мене. Ете, тоа е најголемата казна за една мајка да не знае ништо за своето дете а неизвесноста ја убива мајчината психа. Затоа што немаше телефони јас на мојот девер преку црвен крст му испратив порака дека повеќе не можам да издржам. Имав изгубено многу килограми од мојата телесна тежина. Еднаш бев викната од тогашните власти на сослушување кои ми кажаа дека јас како нивно богатство односно најпознат спортист ќе бидам заштитена. Меѓутоа  чувствував дека е време да го напуштам станот иако се ближеше крајот на војната. Организирано како на филм успеав да се префрлам во српскиот дел од Сараево на Ниџе каде што беше син ми. Убаво се сеќавам дека тоа беше на 13-ти јануари на дочекот на Православната Нова Година. Синот не знаеше за моето доаѓање, го изненадивме а тоа беше средба која не може со зборови да се раскаже. За жал го изгубивме огромниот стан во Сараево. Среќа во несреќа беше што јас успеав да ги спасам пехарите што сум ги добила. Односно претседателот на клубот беше Србин а жена му Хрватка. Со нивна помош јас успеав да си ги задржам наградите кои за вложениот труд сум ги добивала.

 Мојот непрежален колега  и пријател кој беше  пред се голем човек, Климе Савин беше иницијатор да се вратам во Македонија  и да работам како Генерален секретар на Охридскиот пливачки маратон. Тогаш јас привремено престојував во Македонија односно по завршувањето на работните обврски околу маратонот јас се враќав во Сараево. Ние Македонците за жал ја имаме таа нота на љубомора, за жал јас тоа го почувствував на моја кожа и  тоа многу тешко го доживував па често се прашував себе си.  Зошто се  љубоморни на мене , па ја се сум изгубила.  Во 1996 година тогашниот претседател на Р. Македонија, Киро Глигоров ме повика во Македонија, побара моето постојано место за живеење да биде во Македонија.  Станов во кој престојувам  а го добив со залагање на Глигоров е Владин па кој и да науми од власта може да ме избрка кога ќе посака.  Ми беше ветено дека ќе добијам стан во родниот  Охрид јас чекав, чекав но ништо не бидна од ветеното до денес.“ рече Атина привршувајќи го разговорот. 


….Нашата гордост, живата легенда, жената со светска слава , нашиот спортски амбасадор во светот кој ни отвори врати за секој спортски настан, зошто не верувам дека има човек на планетава Земја кој не знае за Македонката што го преплива Ламанш, денес живее скромно во едно собниот стан во населбата Лептокарија   во Скопје. Со оглед на тоа што Македонците го носат синдромот на деградирање на вистинските вредности дури ги имаат крај себе, Атина не верува дека ќе и се исполни желбата остатокот од својот живот да го мине и да умре во родниот Охрид.  Темпераментното девојче кое детството го мина  трчајќи низ охридските сокаци, младата девојка со која се гордееше Охрид на првиот Охридски пливачки маратон, жената која беше одликувана со орден за храброст од либанскиот претседател затоа што го преплива Средоземното море, дамата која го преплива Ламанш а охриѓани кои таа ги промовираше со гордост кажуваа дека е нивна сограѓанка, денес живее надвор од родниот и  сакан Охрид, не по нејзина желба туку по налог на судбината. Досега не се најде ниту една Влада која ќе и подари дом во Охрид на охриѓанката која целиот свој живот го посвети за позитивно промовирање на Охрид и татковината низ целиот свет. Денес, Атина Бојаџи ретко доаѓа во Охрид во спокојството од секојдневието се враќа во деновите од својата младост, во детството на својот син, ги разгледува фотографиите кои ги меморирале нејзините професионални успеси. Тогаш кога не го прави тоа ужива во содржината од некој  добар роман во кој се раскажува судбината од некои, некого, ваша или наша… 

Маратонска кариера  на Атина Бојаџи трае цели  12 години. По  многуте  трки се враќала во родната земја со  бројни признанија и награди, златни или сребрени медали. Имала приеми кај претседатели и државници кај претседателот на СФРЈ Јосип  Броз Тито и многу други.  Меѓу бројните награди што  ги има е наградата  за животно дело од Пливачката федерација на Македонија, ја добила и  наградата Крсте Петков Мисирков.  Од читателите на “Утрински Весник“ е избрана за спортист на 20-от век, а во 1998 година од Олимпискиот Комитет на Македонија е избрана за Великан на Македонскиот Олимписки Комитет.

Атина Бојаџи – спортист на сите времиња
Текст: Ангела Белевска
                ОХРИДСКИ НОВИНИ (ноемвриско издание)