Во присуство на премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајкоски, денес беше поставен камен темелникот на новата Технолошко индустриска развојна зона во Струга.
Како што рече премиерот Груевски новата индустриска зона има светла иднина- расположлив кадар за вработување, добра локација и поврзаност со регионот, ниски трошоци, одлични услови за работење- формула која на зоната ќе и донесе нови капацитети, нови фабрики, формула со која ќе се отворат нови работни места на задоволство на жителите од регионот.
– Првот инвеститор во индустриската зона е веќе познат, тоа е германскиот гигант ОДВ Електрик кој тука ќе ја изгради својата фабрика и ќе вработи 1000 луѓе. Оваа компанија изјави дека ќе инвестира во регионот, веќе започна со регрутирање на вработени кои веќе беа на обука. Ќе почнат во хала, не сакаат да губат време, сакаат веднаш да почнат, но паралелно додека се гради зоната и тие ќе ја градат својата фабрика. Во завршна фаза се и подготовките за влез на друга германска компанија која го одбра комплексот на поранешен ЕМО и во наредниот период ќе вработи илјада луѓе. Станува збор за два силни гиганта од Германија кои ќе отворат над две илјади нови работни места во охридско-струшкиот регион. Плус заинтересираноста на уште една до две компании од областа на изработка на трансформатори и далноводи кои се заинтересирани за останатите делови од ЕМО, рече Груевски.
Груевски потенцира дека во наредниот период владата ќе работи на изградба на целосната инфраструктура на зоната со цел нормално работење на фабриките кои тука ќе бидат изградени, а паралелно ќе се работи и на подобрување на бизнис климата, како и привлекувањето на што поголем број инвеститори.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо, додаде дека зоната ќе претставува индустриски комплекс, кој со влез на нови инвестиции ќе овозможи развој и примена на нови технологии и зголемување на конкурентноста во меѓународната трговска размена,а истовремено ќе влијае врз растот и развојот на економијата во регионот.
– Индустриската зона ќе се протега на површина од 30 хектари, се наоѓа на 4,5 километри оддалеченост од Струга, 10 километри од Охрид и 164 од Скопје. Во непосредна близина е на аеродромот и преминот Ќафасан,како и пристаништето во Драч. Локациската поставеност на зоната на потенцијалните и идни корисници ќе им овозможи одлична комуникација и можност за развивање на односите со меѓународниот пазар, рече Мизо.
Министерот Незири изрази задоволство што владата, со отварање на индустриската развојна зона исполнила уште едно дадено ветување кое ќе овозможи економски развој на регионот.
OhridNews