Означен стартот на изградбата на 400/110 киловолтната трансформаторска станица, во охридско – струшкиот регион, во близина на село Мешеишта, која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 киловолтен интерконективен далекувод Битола, С. Македонија и Елбасан, Р. Албанија.
Со поставувањето на камен темелникот на овој капитален објект почнува и реализацијата на интерконективниот далекувод за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Проектот за 400 киловолтна интерконекција Северна Македонија – Албанија на македонска територија е составен од изградба на 400 киловолтен далекувод од трансформаторска станица Битола 2 до македонско-албанската граница во должина од 97,4 километри, изградба на 400/110 трансформаторска станица во Охридскиот регион, како и изградба на 400 киловолтен далекуводно поле во трансформаторска станица Битола 2, рече премиерот Зоран Заев.

Изградбата на 400 киловолтниот интерконективен далекувод Битола-Елбасан значи комплетирање на енергетскиот Коридор 8, кој е составен сегмент од еден многу поголем и исклучително значаен проект што вклучува експлоатација на енергетските ресурси од Кавкаскиот регион и од Централна Азија кон земјите од Западен Балкан и Италија. Р. Северна Македонија има 5 интерконекции на 400 киловолтно напонско ниво. Од нив две врски со Грција и по една со Србија, Косово и Бугарија. Со поврзување на електопреносните системи на државава и Албанија го заокружуваме процесот на поврзување на нашата земја со електро преносните системи на сите соседни земји, додаде Заев.
Изградбата на далекуводот помеѓу Северна Македонија и Албанија ќе придонесе во поврзување и регионалното интегрирање на енергетските пазари во регионот. Со ЕБРМ и на Европската унија и сите компании работиме да ја зголемиме конкуренстноста и во делот на природниот гас и во делот на инвестирање во обновливи извори на енергија истакна министерот за економија Крешник Бектеши.
Со оваа инвестиција ќе ја подобри сигурноста во делот на снабдување на нашата држава со електрична енергија, ќе даде и долонителна поддршка на сите трговци со електрична енергија во Северна Македонија, но и во соседните држави да постигнат конкурентни цени, а со тоа да станеме што поконкурентни на европско ниво. Ваква инвестиција ќе овозможат во иднина да имаме и берза за елекрична енергија, регионално, каде ќе имаме поголеми можности за постигнување на што поконкурентни цени. При крајот на оваа година ќе имаме и интерконектор за природен гас со Република Грција, додаде Бектеши.
Според министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, со овој проект се обезбедува квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, се надминуваат проблемите и се подобрува мрежата во југозападниот дел од државата.
Н.С.Ј














