По избориве, криминално-политичкото подземје кое се инспирира од „бомбите на мадатарот за Живот”, почна да поставува вистински бомби со закани по живот кон неистомислениците, напиша на својот ФБ профил пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Вчера вечер во с. Ижиште, околу 22 часот, екипи на МВР крим техника од М.Брод, Прилеп и анти-тероризам од Скопје успешно демонтирале бомба на задната врата во куќата на татко ми, кукавички поставена со цел да ги убие или рани моите родители. Имале среќа и Божја рака врз нив, и татко ми и мајка ми, што не турнале посилно кога отварале, а откако тој видел за што се работи, уредно пријавил. Очекувам сторителите да бидат пронајдени од надлежните органи. Заканата кон татко ми ја сметам за индиректна закана и притисок кон мене, поврзана со мојата политичка активност и мислење. Но, нема потклекнување, ниту повлекување. Борбата, со демократија, со говор, со став, со патриотизам за Татковината, ќе продолжи со несмален ентузијазам, напиша Милошоски.
Од СДСМ со осуда за инцидентот.
Најостро го осудуваме инцидентот што се случил во домот на родителите на Антонијо Милошоски. МВР мора веднаш да го расветли случајот со поставената бомба, а извршителите мора да бидат најдени и соодветно казнети, се вели во соопштението од СДСМ.
„Дестабилизацијата во државата мотивирана и креирана од Груевски и соработниците мора веднаш да престане, бидејќи таа не носи ништо добро за никого. Доаѓа одговорна Влада што ќе се грижи за сите граѓани, независно од нивната политичка етничка и друга припадност наместо како досега да се поттикнува насилство омраза и нетрпеливост како што прави раководството на ВМРО-ДПМНЕ во обид да разгори тензии меѓу граѓаните“, порачуваат од СДСМ.
OhridNews
извор Макфакс