Во присуство на претседателот Ѓорѓе Иванов, градоначалникот Никола Бакрачески, бројни гости и претставници на институции, попладнево на плажата пред хотелот „Горица“ беше поставено „Бело знаме“ , симбол за чиста вода, единственото во Македонија.

Ова што денес се случи во Охрид е апел до сите да се грижат за водите не само во Македонија, туку и во целиот свет.  Тоа е и целта на Глобалното здружение за подигање на свеста за подводниот свет- ГУВАА во чија организација е проектот „Бело знаме“, да се подигне свеста за тоа што значи водата за човечкиот живот и што значи за нас како човечки суштества, дека водата е извор на животот и секој мора да се грижи за неа. Ако нашите предци се грижеле да го сочуваат ова за нас ние мора да се грижиме истото да го направиме за нашите потомци, да имаат чиста вода и чиста средина, рече претседателот Ѓорѓе Иванов .

Глобалното здружение ГУВАА е непрофитна организација основана во Норвешка, со подршка на Брни Еклстоун и во партнерство со фонадацијата на Принцот Алберт од Монако. Асоцијацијата е формирана од Кристијан Цуравиќ, кој денес присуствуваше на свеченоста во Охрид.

Белото знаме е единствениот симбол во светот кој гарантира дека плажата и водата се целосно исчистени од крупен и ситен отпад со што се штити живиот свет во него, а на хотелите и местата каде е поставено им се гарантира дека тоа место е целосно чисто, потенцира Цуравиќ.

Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, поставувањето на „Бело знаме“ на брегот на Охридското езеро е акт на голема чест и гордост за градот и сите населени места околу езерото.

Воедно е и акт кој нас не обврзува уште повеќе да се грижиме за езерото, за неговата чистота и на подводните површини и околината. Ова е и своевиден поттик за институциите и граѓаните да вложат уште повеќе напори да се заштити езерото кое е едно од најчистите во светот. Би сакал да изразам благодарност до сите актери кои допринесоа за организација на настанот и до локалниот нуркачки клуб „ Амфора“ од Охрид со кој локалната самоуправа има постојана комуникација и чии членови минатите години организираа бројни акции за чистење на подводните површини, рече Бакрачески.

Глобален амбасадор на ГУВАА е актерот Арман Асанте, а амбасадор за Македонија е музичарот Влатко Стефаноски.

Охрид може да служи како пример со чистотата на езерото. Се сеќавам на времето кога од дното на езерото се вадеше разновиден отпад, но состојбата се менува. Драго ми е што „Белото знаме“ конечно е поставено и во Македонија и се надевам дека во иднина се повеќе ќе се подига свеста за околината и водата, изјави Стефаноски.

Инаку, првото Бело знаме е доделено во 2013 година на Принцот Алберт од Монако , како потврда за чистиот брег на Монако.

OhridNews