Постдипломски студии по филмско сценарио ќе започнат да функционираат во Охрид во академската 2014/2015 година, како дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.Овие студии ќе бидат во рамки на програмата на престижната Академија за филмска и телевизиска уметност-ФАМУ од Прага.Наставата ќе биде на англиски јазик, а дипломата ќе биде заедничка од УГД-Штип и ФАМУ-Прага. Најпрво ќе има само магистерски студии по сценарио, а потоа ќе се воведат за режија и за фотографија, како и додипломски студии.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција рече дека според договорот, треба да се обезбеди опрема за теоретска и практична настава, да се адаптира соодветен простор во Охрид, за кој има две варијанти, да се обезбеди наставен кадар и да се адаптираат наставните програми согласно со стандардите и традицијата на ФАМУ. Претстои подготвителен период и се очекува до март програмата да биде официјализирана и акредитирана и да бидат познати деталите за упис.
-Програмите ќе бидат достапни не само за македонските студенти, туку и за студентите од регионот и пошироко, имајќи го во предвид големиот интерес за овие студии, но и ограничените капацитети и можности на ФАМУ во Прага, со што очекуваме Охрид да прерасне во регионален центар на ФАМУ, истакна Ристовски.
Режисерот Иво Трајков посочи дека дипломата од ФАМУ е препознатлива и со неа се отворени вратите на филмската индустрија во светот, а на дисперзираните студии во Охрид таа ќе биде идентична како и во Прага.
– Таа диплома ќе биде заедничка со дипломата на ФАМУ и ќе биде идентична по квалитет, што е многу важно. Програмата ќе биде обезбедувана, гарантирана и контролирана од Академијата ФАМУ, што значи дека нејзиниот квалитет и квалитетот на предавачите ќе биде идентичен со програмата во Прага. Нема да се дозволи да е само продавање лиценца, зашто во светот има такви случаи, каде што е продадено само името. ФАМУ е национална установа со интернационална програма и самата академија нема можност да креира свои лиценцирани установи низ светот, рече Трајков.
Тој додаде дека во Охрид може да конкурираат и студенти од странство кои ги исполнуваат условите за упис на ФАМУ во Прага, но кои поради ограничениот капацитет нема да бидат примени во Чешка.
МОН и ФАМУ соработуваат три години во кои 11 македонски студенти добија стипендии за студирање на познатата филмска академија – четворица за додипломски и седум за втор циклус студии, од кои тројца и ги завршија.
ФАМУ е основана во 1947/1948 и е петта најстара филмска школа во светот. Од неа произлегле познати имиња во филмот и литреарурата, како Милош Форман, Милан Кундера, Јиржи Менцл, Вацлав Хавел, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица.
OhridNews
Извор: МИА