Престижната Академија за филмска и телевизиска уметност-ФАМУ од Прага на крајот на март или почетокот на април месец, во Охрид ќе отвори програма за постдипломски студии по филмско сценарио на англиски јазик, кои ќе бидат во склоп на новата Академија за филм при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, информират денеска премиерот Никола Груевски.
Како што тој посочи, дипломата од ФАМУ на дисперзираните студии во Охрид ќе биде идентична како и таа во Прага.
„Ќе бидат нешто како дисперзирани студии на ФАМУ. Дипломата што ќе се добие ќе има иста вредност како да е добиена на ФАМУ во Прага. Ова е прв чекор на ФАМУ да отвора студии надвор од Чешка. Во годините на договорање и преговарање со ФАМУ, успеавме да дојдеме до оваа фаза во која од нивна страна е најавено дека од март-април ќе почне академијата. Се работи за една од најстарите и најреномираните филмски академии на светот, од која има оскаровци и добитници на други филмски награди.“ – изјави Груевски.
Според проценките на ФАМУ, во овој момент се најпотребни постдипломски студии по филмско сценарио, а планот е потоа постепено да се воведуваат и постдипломски за режија и фотографија. На академијата ќе може да се запишуваат и студенти од странство, па се очекува таа да стане регионален центар на ФАМУ за едукација во филмската уметност.
„Ќе одат чекор по чекор. Првиот чекор е филмско сценарио, веќе од наредната година ќе има други сегменти и претпоставувам за пет-шест години ќе се комплетира целосно понудата што ќе ја даваат овие постдипломски студии. Со оглед дека се работи за една од најреномираните во светот и дека е наставата на англиски јазик, очекуваме со тек на време таа да прерасне во регионална филмска академија.“ – додаде Груевски.
МОН и ФАМУ соработуваат три години во кои 11 македонски студенти добија стипендии за студирање на познатата филмска академија – четворица за додипломски и седум за втор циклус студии, од кои тројца и ги завршија.
ФАМУ е основана во 1947/1948 и е петта најстара филмска школа во светот. Од неа произлегле познати имиња во филмот и литреарурата, како Милош Форман, Милан Кундера, Јиржи Менцл, Вацлав Хавел, Лордан Зафрановиќ, Емир Кустурица.
OhridNews
извор: „МИА“