
Пламените јазици се на сртот од планината на албанска и македонска страна. Гори ниска вегетација во граничниот појас, главно сува трева, грмушки и ниска деградирана ретка шума.
Карактеристично за овој пожар е силната експлозија што се слушнала попладнево, а за која се претпоставува дека е предизвикана од активирање на огнот, експлозивна направа, мина или друг вид експлозивно средство, остаток од борбите што се воделе на ова подрачје во балканските или Првата светска војна. – соопшти ЦУК.

Врвот Магаро и неговата околина во моментов не се безбедни за искачување, велат од ЦУК.
Пожарот започна на планината Галичица, на албанската територија. Екипите на Националниот парк „Галичица“ и граничната полиција се на терен. Според информациите на РЦУК Охрид, пожарот со помош на ветерот преминал на македонска територија кај граничен камен F-9. Стручните лица од институциите вклучени во следење на состојбата сметаат дека е неопходна интервенција од воздух, бидејќи теренот е непристапен и опасен поради присуство на неексплодирани убојни средства од почетокот на минатиот век. Такво барање попладнево беше испратено до Главниот штаб на ЦУК од страна на Националниот парк Галичица и Граничната полиција, но засега изостанува воздушна поддршка во гасењето на пожарот на Галичица.
Г.М.
Пожарот на Галичица се шири на македонска територија, ветрот неповолен, ситуација загрижувачка











