Потомците на фамилиите кои живееле во рамки на петте охридски парохии односно маала: Свети Врачи – Голем, Света Богородица – Челница, Свети Димитрија, Света Богородица – Пандонос и рибарската населба Канео, добија можност да ги запознаат своите корени и да ги погледнат пишаните докази и податоци за своите предци.
Ова го овозможи книгата „Документи за Охридските парохии-маала“ на Гоце Ангеличин Жура што беше промовирана вчеравечер во куќата на „Христо Узунов“ во Охрид.
Јорданка Матова, која беше еден од промоторите на книгата истакна дека ова издание ќе ја збогати низата на издадени и промовирани дела на овој плоден автор.
-Со својата богата продукција на творештво со импозантна бројка од 12 книги и монографии и над 50 стручни и научни трудови што ги има презентирано на бројни научни собири во Македонија и во странство, Гоце Ангеличин Жура со право си обезбеди свое место меѓу врвните истражувачи на уметноста, рече Матова.
Вториот промотор на книгата Горан Митрески истакна дека ова издание има за цел да ги претстави охридските градски семејства преку презентација на автентични документи од оставината на Фоти Масин.
-Оваа книга претставува фототипно издание на списоците со охридските семејства кои ги воделе црковни лица во периодот помеѓу двете светски војни, дополнети од авторот со појасненија, коментари, мапи и стари фотографии од Охрид. Овие документи имаат големо историско значење бидејќи ни даваат точна и веродостојна слика за семејствата кои во времето на бугарското и српското владеење со Охрид живееле во градот, поделени во парохии односно маала обединети околу маалските цркви. Овие документи ќе побудат голем интерес кај читателите особено кај охриѓани бидејќи записите се однесуваат за нив и за нивните предци, рече Митрески.
Тој нагласи дека сите оние кои се интересираат за минатото на своето семејство, за своите заборавени предци, семејни корени, потеклото на презимињата и слично, во оваа книга ќе најдат драгоцени податоци.
Авторот Гоце Ангеличин Жура истакна дека книгата ја посветува на покојниот археолог и конзерватор Владо Маленко, бидејќи без неговиот придонес не би биле достапни документите кои се објавени во книгата.
-Со својата несебичност, со својата огромна заложба, со својот авторитет и углед Владо Маленко кога беше директор во Завод и Музеј, во 1989 година успеа оставината на Фоти Масин да ја депонира во заводското депо на музејот во Охрид и со тоа не само нам туку и на идните генерации ни остави оргинални документи и стотици страници за минатото на Охрид и за жителите кои живееле во него, рече Ангеличин Жура.
Книгата „Документи за Охридските парохии-маала“ е во издание на Завод и музеј од Охрид. Главен уредник на книгата е Весна Наумовска, а технички уредник е Горан Патчев. Рецензент на книгата е д-р Никола Митровиќ, лектор е Александар Јорданоски, а преводот на англиски јазик го направила Гордана Ангеличин Жура.
Е.М