Општина Охрид доби грант во износ од 60, 640 евра за набавка на ново комунално возило за ЈП „Нискоградба“. Денес беше потпишан договор во рамки на „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP) помеѓу амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Донацијата на комуналното возило има за цел одржување на чистотата и заштита на животната средина во најголемиот туристички центар во државата потенцираше градоначалникот на Пецаков.

Станува збор за крупна и исклучително значајна субвенција ако се земе во предвид дека ЈП Нискоградба располага со застарени комунални возила. Новото комунално возило ќе овозможи навремена санација на дефектите во канализационата мрежа. Дополнително, испуштањето на загадената вода во Охридското Езеро ќе биде намалено за околу 40% со што ќе се заштити неговата флора и фауна. Општина Охрид има седум пумпни станици и 175,84 км канализациона мрежа. Бројот на дефекти на истата во последните години бележи зголемување, најчесто поради цврст отпад кој се собира во канализационата мрежа. На денешниот чин на потпишување на договорот за донација, претходеше и подготовка и имплементација на проектот за обезбедување на Општина Охрид со комунално возило, рече Пецаков.

Во обраќањето амбасадорот Савада истакна дека со новото комунално возило, дефектите во канализационата мрежа ќе се санираат ефикасно и навремено.

Со овој договор Јапонија ќе и обезбеди комунално возило на Општина Охрид со кое дефектите во канализационата мрежа ќе се санираат ефикасно и навремено. Со тоа загадувањето на Охридското Езеро ќе биде намалено за 40% и ќе се зголеми заштитата на животната средина. Охридското Езеро и регионот се наше светско природно и културно наследтво, но, за жал се загрозени и треба меѓународната заедница да му помогне да го задржи овој статус. Се надевам дека и во иднина ќе можеме да го поддржиме секторот за заштита на животна средина и неговите капацитети, рече Савада.

Директорот на ЈП „Нискограба“ Александар Трпеноски потенцираше дека со набавката на возилото претпријатието ќе ја остварува целта за поефикасно, поефективно работење и навремено санирање на дефектите.

Со употреба на ова ново возило ќе се намалат трошоците за одржување на старите дотраени возила во висина од 48%, а би се намалило и загадувањето на Охридското Езеро што ќе придонесе и за негова заштита. Граѓаните на Охрид нема да бидат изложени на ризик од заболувања поради загадување со фекалии во своите дворови, домови и улици, додаде Трпеноски.

Н.С.Ј.