Градоначалникот  Никола Бакрачески и сопствениците на АД „Илинден“ од Струга, Кристина Трајковска- Костеска и Радован Трајкоски, фирма која во  местото викано Галеш во населбата Даљан  ќе  го гради  домот за стари лица, денес потпишаа договор за соработка со што се означи почетокот на реализацијата на проектот. Како што појасни градоначалникот Бакрачески, по  одржаното  јавно наддавање  на општина Охрид за отуѓување  градежно земјиште , градежната компанија АД „Илинден“ од Струга  е  избрана за најповолен понудувач кој ќе го гради домот.

Почетната цена по метар квадратен беше 1393 денари а  на јавната аукција достигната е цена од 1 532 денари по метар квадратен. АД „Илинден“ беше избран за најповолен понудувач кој за земјиштето плати 12 милиони 907 илјади и 100 денари. Од постигнатиот износ по продажбата 80 % одат за општина Охрид, а 20% за Министерство за транспорт и врски. По потпишување на договорот за период  од една година инвеститорот треба да добие одобрение за градба што значи дека за тој период  инвеститорот  мора да ја  прибави потребната проектна документација. По правосилноста на одобрението за градба , зависно од бруто развиената површина инвеститорот е обврзан за 2 односно 4 години да го изгради објектот. Домот за стари лица  е предвидено да има приземје, четири ката и поткровје- објасни градоначалникот Никола Бакрачески .

Кристина Трајкоска- Костеска од АД „Илинден“ – Струга истакна дека како инвеститори ќе се заложат да ги испочитуваат сите обврски од договорот и дека во предвидениот рок ќе го изградат домот за стари лица.

Со договорот се обврзуваме на рокови во кои треба да издејствуваме одобрение за градба за намената на објектот како и рокови за изградба на истиот, кои планираме да ги запазиме. Во соработка со органите на Локалната  самоуправа ќе го изградиме објектот со почитување на стандардите кои се својствени за намената на објектот. Се надеваме дека домот  што ќе го изградиме ќе ги исполни очекувањата на граѓаните на Охрид а и пошироко– истакна Трајкоска- Костеска.

Домот за стари лица во Даљан ќе се гради на површина од 8 425 метри квадратни.

OhridNews