Претседателите на Македонската академија на науките и уметностите Георги Старделов и на Академијата на науки на Албанија Гудар Беќирај денеска во куќата на Уранија потпишаа Меморандум за разбирање и научна соработка меѓу МАНУ и Академиијата на науките на Албанија.


Со потпишувањето на меморандумот, академиците од Македонија и Албанија се согласија во својата научна програма за 2012 година да ги преземат иницијативите за одржување на манифестациите “Денови на албанската наука и уметност” и “Денови на македонската наука и уметност”. На предлог на македонската страна, двете страни се согласија и да формираат заеднички Македонско-албански (Албанско-македонски) научен комитет, кој би расправал за одделни прашања за кои двете Академии имаат заеднички интерес. Академиците се согласија да се одржи и заедничка научна конференција посветена на заштитата на Охридското Езеро, како и да продолжат со работата на идејата за формирање на Асоцијација на балкански академии.


Овој пример на соработка меѓу нашите две академии сакаме да го воздигнеме како пример на соработка меѓу балканските академии,  кои заеднички би работеле на проекти релевантни за целиот Балкан. Имам впечаток дека политиката завзема премногу простор, притоа изместувајќи ја науката во однос на клучните прашања кои не засегаат. Живееме во научно општество во кое треба науката да биде таа подвижна сила која ќе ги даде одговорите на многу прашања. Политиката треба да се огледа на науката, а не обратно, истакна академик Старделов.


Претседателот на албанската Академија на науки, Гудар Беќирај, потенцира дека денешната средба е можност за конкретизирање на веќе претходно започнатите разговори во Тирана.

Сметам дека потпишувањето на овој меморандум многу скоро ќе вроди со плод, затоа што станува збор за четири точки кои сметам дека се остварливи и чија реализација ќе ја зајакне меѓусебната соработка на двете академии, но и помеѓу двете земји, рече Беќирај.  

Т. К.