Студентскиот парламент при Универзитетот  за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” и Националната асоцијација на престижни академски граѓани денес потпишаа меморандум за соработка.

Како што беше потенцирано по потпишувањето на меморандумот, целта е во иднина преку низа одржани обуки, натпревари, да се искористи потенцијалот на најуспешните студенти.

Ќе се организираат настани, обуки во соработка со студентскиот парламент  каде ќе се обучуваат студентите за практичните вештини за креативност и претприемништво, затоа што креативните човечки ресурси се клучни за успех на една држава. Воедно, за да можат студентите и адекватно да одговорат на предизвиците на новото време. Ќе има свечено доделување на сертификати, натпревари во странски земји, а сето тоа ќе биде и значајно дополнување на нивната биографија,  вели Д-р Виктор Ѓорѓиески, претседател на НАПАГ.

Задоволство од потпишувањето на меморандумот искажа и претседателот на студентскиот парламент при Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” кој истакна дека идната соработка ќе биде од особено значење за понатамошното доедуцирање и успех на студентите.

Националната асоцијација на престижни академски граѓани е формирана оваа година со цел да се искористи во целост потенцијалот на најуспешните студенти од сите професии преку развојот на креативноста и нивните претприемнички вештини. Во асоцијацијата може да членуваат сите студенти од прв, втор и трет циклус студии со просек повисок од 8.5 и најмалку комплетирана прва година од додипломските студии.

OhridNews