Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања-Охрид и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле” од Охрид.
Со овој Меморандум го отвараме патот за идна соработка во повеќе сфери, која за своја крајна цел има подобрување на квалитетот на услугите кон заедницата- нашите, во служба на здравјето на граѓаните, а на Универзитетот во служба на образовната дејност, велат од Кардиолошкиот завод.
Се отвара можноста за воспоставување на едукативна и научна соработка како и соработка во користење на модерните трендови на информатичко- комуникациските технологии во здравството. Очекуваме дека ваквата соработка ќе резултира со побрза и полесна достапност на новините во медицината до јавноста и промоција на здрави животни навики и здравствена грижа преку координирани интернет кампањи, велат од установата.
Додаваат дека ќе се овозможи темелна и ефикасна статистичка обработка на акумулираните податоци за пациентите, креирање на локални регистри, носење на заклучоци за чекори кон подобрување на кардиоваскуларното здравје на нашата популација.
Можност за широка интернационална соработка преку организирање на онлајн платформи со здравствени институции и лекарски асоцијации надвор од земјата, организирање на научни конференции, семинари и обуки со информатичка и техничка подршка на Универзитетот. Воспоставување на апликативни активности од взаемен карактер кон подобрување на процесот на работа, потенцираат од Кардиолошкиот завод.
Взаемната соработка, велат, ќе овозможи како крајна цел побрзи, поефикасни и поквалитетни услуги, како и поефективна и полесна меѓусебна комуникација и комуникација со јавноста.
OhridNews













