Потпишан меморандум за соработка помеѓу ЈУНП Галичица и МАНУ со цел продлабочување на понатамошна меѓусебна соработка, на завршниот настан на проектот „Зачувување на некои ендемични растенија со ограничено распространување од Националниот парк Галичица, С. Македонија“.

После завршување на настанот МАНУ и ЈУНП Галичица склучија Меморандумски договор, со што соработкатa се продлабочи и продолжува понатаму со заеднички истражувања на оваа значајна и уникатна планина со голем број ретки и ендемични растенија, информираат од МАНУ.

Имено, како што се наведува во проектот планината Галичица претставува класичен локалитет (locus classicus) за над 30 растителни таксони. Некои од нив се исклучиво ограничени на нејзината територија и претставуваат локални ендемити (стеноендемити).

Токму ова непроценливо богатство поттикна тим од професори и млади научници при Природно-математичкиот факултет во Скопје да спроведува проекти за заштита на растенија кои се ендемити со ограничено распостранување на планината Галичица.

Меѓу другото, со проектините активности беше предвидено да се обезбеди проценка за Националната црвена листа на С. Македонија, in-situ заштита, ex-situ заштита во Ботаничката градина преку одржување на живи популации и формирање на семенска збирка, обука за млади истражувачи, зајакнување на капацитетите на Националниот парк Галичица и зајакнување на јавната свест.

Проектниот тим го сочинуваа академик Владо Матевски (тим лидер), м-р Цветанка Цветкоска (асистент), проф. д-р Митко Костадиновски, проф. д-р Рената Ќуштеревска и дипл. биол. Сара Цветаноска. При реализација на проектот директно беа вклучени и претставници од ЈУНП Галичица.

Проектот  се спроведуваше преку Истражувачкиот центар за животна средина и материјали при Македонската академија на науките и уметностите, со финансиска поддршка на PONT – Prespa Ohrid Nature Trust и CEPF – Critical Ecosystem Partnership Fund.

OhridNews