Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и неговиот албански колега Фатмир Медиу, како и заменик министерот за земјоделство и рурален развој на Црна Гора, Велизан Вујуиновиќ, заменик министерот за екологија на Косово, Илир Мирена и секретарот за вода при Министерството за животна средина на Грција, Андреас Андретакис на конференцијата „Дримскиот дијалог-процес за прекугранична соработка за заштита на Дримски басен“, вчера, во Тирана го потпишаа Меморандумот за заедничко упправување со басенот на реката Дрим. Неговата ратификација значи заедничко управување со басенот на реката Дрим на државите низ кои тече.

–    Меморандумот е резултат на неколку годишната соработка на петте држави околу Дримскиот слив што ги опфаќа Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро и сливот на реката Дрим, рече македонскиот министер Адеми посочувајќи дека Република Македонија ги преземала сите обврски околу координцијата, соработката и инвестирањето и оти е подготвена да ги исполни и сите обврски предвидени со меморандумот.

Идејата за договорот, според него, е државите да соработуваат околу менаџирањето со сливот на реката Црн Дрим, реализацијата на проекти, како и подобра координација за повлекување на средстства за Дримскиот слив.

Реката Дрим, која се протега преку државните граници, ни овозможува да промовираме позитивна политичка волја за соработка што, се надевам, ќе резултира со обезбедување на предуслови за одржлив развој на регионот имајќи во предвид дека тој претставува кохезија на потребите на државите поврзани со животната средина и енергијата, нагласи Адеми.

OhridNews