Министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Абдилаќим Адеми и министерот за животна средина, шумарство и водостопанство на Република Албанија, Фатмир Медиу, денес ја потпишаа Декларацијата за посветеност за воспоставување на прекуграничен биосферен резерват Охрид – Преспа.

Соработката е иницирана со заедничкиот ГЕФ-ов проект за заштита на Охридското езеро, што резултираше со потпишување на билатерален Договор помеѓу Албанија и Македонија, со кој се предвидува создавање на прекуграничен биосферен резерват на Охридското Езеро, вклучително и Преспа.

 – Ја потпишуваме оваа Декларација како израз на нашата подготвеност да соработуваме и делуваме во правец на заштита на регионот, а во согласност со светски пропишаните критериуми, истакна Адеми.

Со Декларацијата ќе се обезбеди потребната поддршка на локалните субјекти и засегнати страни во однос на признавањето на биосферниот резерват од страна на програмата на УНЕСЦО, “Човекот и биосферата“.

Министерот го нагласи и значењето на Охридско – преспанскиот регион како регион  со долга историја на човечко присуство и значајна културна заднина.

– Самото Охридско Езеро, на македонската страна, има добиено признание на УНЕСЦО како локалитет на Светското Природно Наследство, додека на албанска страна е изготвена документацијата за добивање на истото признание и за нивниот дел. Македонскиот дел на Големото Преспанско Езеро и грчкиот дел на Големото и Малото Преспанско Езеро, според Рамсарската Конвенција, се признати за Меѓународни Мочуришта. За обете Преспански Езера потпишана е трилатерална спогодба помеѓу трите крајбрежни земји во рамките на Паркот Преспа, рече министерот Адеми,.

Според него, мошне добро е документирана подготвеноста за поширок приод кон сочувувањето во целиот регион.
Со потпишувањето на Декларацијата ќе се обезбеди потребната поддршка на локалните субјекти и засегнати страни во однос на признавањето на биосферниот резерват од страна на програмата на УНЕСЦО, “Човекот и биосферата“.

Во петокот на работната средба што се одржа во Корча, Албанија, Декларацијата ја потпишаа градоначалниците на општини и раководителите на национални паркови во сливот на Охридското и Преспанското Езеро од македонска и албанска страна.

OhridNews