Меморандум за странски инвестиции и промоција на извозот на софтвер и ИТ услуги и меморандум за соработка меѓу Македонската комора за информатички технологии (МАСИТ) и новоформираниот Факултет за информатички технологии (ФИНКИ), беа потпишани денес во рамки на Меѓународната конференција за електронски комуникации, која од вчера започна во Охрид.

Како што беше појаснато од страна на претседателот на МАСИТ Игор Бимбилоски, со двата потпишани меморандуми МАСИТ, како референтна комора од информатичко-телекомуникациската сфера, значајно ќе придонесе во развојот на македонската економија.

–  Првиот договор ги обврзува МАСИТ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, на меѓусебна соработка во институционализација на извозот на софтвер од РМ. Истовремено сакаме да го поддржиме и развојот на соодветни кадри во РМ, и затоа го потпишуваме вториот меморандум, што треба да им даде шанса на македонските кадри да се едуцираат тука. Истовремено преку нашата бизнис-заедница да отвориме нови работни места за тие кадри во најголем дел да останат во Македонија и непосредно да придонесат во развојот на македонската економија, рече Бимбилоски.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски изрази верување дека токму од Конферецнијата во Охрид ќе произлезат уште подобри идеи и легислативи, во насока на натамошен развој на информатичките и комуникациските технологии во Македонија, кои ќе придонесат за изградба на стопанство што ќе се темели врз знаење и високо-образован кадар.

Како што информира директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) Роберт Орданоски, на Конференцијата на регулаторните тела од државите на ЈИЕ е прифатена иницијативата на Агенцијата, Македонија поточно Охрид, да стане центар на регулативата во областа за целиот регион.

OhridNews