Потпретседателите на СДСМ и на ДУИ, денеска попладне се сретнае во хотелот „Холидеј Ин“, каде разговараа за ситуацијата која се наметна по барањето на претседателот Ѓорге Иванов, за повторно да го додели мандатот на некого за формирање влада, да му се поднесе доказ за парламентарно мнозинство од 61 пратеник, јавува „Макфакс“.

„Со ДУИ разговаравме за тоа како да излеземе од ситуацијата која ја наметна Претседателот Ѓорге Иванов“, рече заменик-претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска по средбата со ДУИ.

Таа рече дека на оваа прва средба не се разговарало ништо конкретно и дека преговорите ќе продолжат и во наредните денови.

Во врска со барањата на ДУИ, Шекеринска рече дека ќе се произнесат по внатрепартиските договори кои ќе ги почнат уште вечерва.

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи по средбата со претставниците на СДСМ рече дека на маса ги доставиле нивните барања. Не сакаше да каже ништо повеќе во врска со средбата единствено кажа дека имале конструктивни разговори и дека сепак последниот збор го има претседателството.

Од СДСМ на средбата присуствуваа заменик-претседателката Радмила Шекеринска, Рената Дескоска и Оливер Спасовски, а од ДУИ Изет Меџити, Теута Арифи и Невзат Бејта.

Откако мандатарот Никола Груевски, од ВМРО-ДПМНЕ, во законски дадениот рок не успеа да формира Влада, од СДСМ очекуваа Претседателот мандатот да им го додели ним, како на втора партија по успешност на последните одржани предвремени парламентарни избори во декември. ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса за Албанците 3 и ДПА 2 мандата.

Сепак, Иванов реши за повторно да го додели мандатот да побара доказ дека некој успеал да убеди 61 пратеник да ја гласа новата влада која евентуално би ја предложил, а тоа им го соопшти на консултативни средби со сите лидери на парламентарните партии минатата недела.

Од тогаш не се случи средба меѓу лидерите на политичките партии, кои имаат освоено најмногу пратеници. СДММ начелно ја има поддршката од Алијанса за Албанците и БЕСА, но се нема произнесено по однос на Платформата која ја потпишаа овие партии на Албанците, вклучително и ДУИ, со која меѓудругото се бара и воспоставување на албанскиот јазик како втор службен на територијата на цела држава.

OhridNews
извор:„Макфакс“