Во Охрид има околу 80-тина граѓани, кои се регистрирани членови во локалното Здружение за слепи лица. За жал овие лица често се отфрлени и дискриминирани од општеството, а нивната социјализација оди со многу потешкотии.

Во нивното здружение кое ги покрива градовите Охрид и Дебар, се прават напори да им се олесни положбата во општеството. За таа цел се преземаат бројни акции во таа насока. „Во последните години, потешко успеваме да ги реализираме предвидените активности. Но во соработка со институциите на локално и централно ниво, успешно ги остваривме зацртаните акции предвидени со нашата годишна програма – истакнува претседателот на Здружението на слепи лица – Охрид, Славчо Џајкоски.

Доколку лицата се деца, се упатуваат на школување во Скопје. Целта е социјализација и едукација, која ќе им овозможи самостојно да живеат и да не се чувствуваат отфрлени од другите. „Посебно внимание им посветуваме на децата со оштетен вид. Тие се упатуваат во специјалното училиште за слепи, кое работи во рамките на Заводот за слепи лица и младинци, „Димитар Влахов“ во Скопје. На децата од предшколска возраст, па се до деветолетка, им се овозможува соодветно школување. Подоцна се испраќаат во средното стручно училиште, каде се оспособуваат за занаети кои можат соодветно да ги работат“ – вели Џајкоски.


Според македонските закони, лицата со оштетен вид имаат бесплатно здравствено осигурување, добиваат посебна социјална помош за нега од други лица, како и месечен надоместок од околу 7000 денари. Џајкоски потенцира дека слепите лица имаат право на бесплатен превоз, ослободени се од плаќање на разни такси,  а имаат повластици во телекомуникациите.

-Наскоро за слепите лица во Охрид, со помош на локалниот лајанс клуб „Охрид“ и во соработка со властите, се цели кон обезбедување на компјутери прилагодени на нивните можности, а еден таков компјутер веќе се наоѓа во здружението. Додека, од републичкиот сојуз изготвена е звучна програма, која ќе им го олесни пристапот на овие лица до интернетот.“, истакна Џајкоски.

Од здружението сметаат дека локалната и централната власт вложуваат напори сето ова да се оствари, односно, да им се помогне на овие лица во секојдневниот живот со цел ублажување на нивниот хендикеп.

О.Т