Во текот на летниот период Охрид е домаќин на различни културни, забавни и музички збиднувања кои треба да ги задоволат вкусовите на многумина. Покрај реномираните фестивали Охридско лето, Балкански и Хорскиот фестивал, кои години и децении наназад претставуваат синоним за градот, изминативе години Охрид постана „Мека“ на различни фолклорни настани од меѓународен карактер.
Но голем дел од културните работници, сметаат дека дел од манифестациите недоволно ги промовираат домашните вредности, игри и ора пред гостите кои доаѓаат на ривиерата, додека други со став дека културните збиднувања треба да се случуваат во текот на целата година, а не само во летниот период.
Промоција на туѓото на сметка на домашното
Директорот на КУД „Ѓердан“, Методија Баракоски – Менде, кој веќе 46 години е дел од фолклорната традиција во земјава, смета дека Охрид претставува полигон за промоција на туѓите вредности. Според него, на домашните фолклорни ансамбли и друштва треба да им се даде поголем простор за промовирање, не само на носијата, игрите и ората, туку и на традицијата воопшто.
„Каде е нашиот македонски фоклор кој е најубав? Зошто нашата носија не се претставува преку овие настани? Тука сеуште се промовираат разно-разни фолклорни групи и ансамбли од странство, без притоа да му се даде предност на нашето. Ќе има ли еднаш забава за гости со македонски фолклор организирано со комплет ансамбал на убава сцена каде ќе се види сета убавина на нашата игра и песна? Или ќе се задоволиме со престави на камерни групи со три парови. Се деградира и фолклорт и се потценува публиката. Мора еднаш да се стави крај на тие импровизации. Како што губи Охрид во архитектурата, така губи и во културниот дел.“ – вели Баракоски.
Несоодветни локации за голем дел од манифестациите?
Баракоски споредувајќи го Охрид со Дубровник, вели дека културните настани треба да се реализираа на соодветни локации, со оглед на тоа градот располага со Центарот за култура, Долни Сарај и сцената на Антички Театар.
„Многупати сум бил во Дубровник, па оттаму и споредбата со овој град. На тамошниот плоштад нема фолклорни вечери. Во градот кој има само една фолклорна група, „Линџо“, се организира една фолклорна вечер во целата година, а картата чини 15 евра. Тоа е квалитет, кој за жал, се уште го немаме. Кај нас се организираат настани на места и локации, каде што ќе се стигне, што воопшто не доликува на еден ваков град.“ – потенцира Баракоски.
Фолклорни настани да има преку целата година
Многумина сметаат дека недозволиво е Охрид да биде центар на културните збиднувања со фоклорен предзнак само во летниот период. Како што вели Баракоски, има денови каде истовремено се случуваат повеќе манифестации, додека во текот на есента не се случува воопшто ништо.
„Во летниот период во исто време се организираат повеќе фолклорни фестивали, дури во еден ден имаме и по три. Но јас се прашувам што се случува во Охрид на културно поле во октомври, ноември, декември. Дали градот заслужува само во два месеци да има стотици манифестации. Оние кои сакаат да видат нешто од културните збиднувања, не можат да одлучат што побрзо да гледаат. Кога се одржува реномираниот Балкански фестивал, истовремено се случува уште некој настан од истата област. Тоа е деградација на фолклорот, но и на градот воопшто.“ – завршува Баракоски.
О.Т.