На туристичкиот и угостителскиот сектор им е потребна помош во услови на енергетската криза и треба час поскоро да се реагира, односно да се донесат сет мерки согласно реалните потреби велат претставници од туристичкиот сектор кои беа дел од денешната прва работилница од ИПА 2 проектот во рамките на Интеррег ИПА ЦБЦ програмата за меѓународна соработка „Грција – Република Севрна Македонија 2014 -2022“.
Туристичкиот сектор знае што е криза, пандемијата го направи своето. Очекувам дека ќе има некои одредени олеснувања и секторот да добие поевтина енергија, вели директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.
Дополнително очекувам бизнисот реално да даде потреба и мерки кои ние ќе ги проследиме преку Советот и Агенцијата до самата Влада што веќе во одреден сегмент е направено и се надевам дека многу брзо за неколку дена повторно ќе имаме состанок во Агенцијата за туризмот каде дополнително ќе дадеме предлози до нашата Влада како може реално да се помогне во туристичката индустрија. Ќе треба подобро да мериме и да ги гледаме ефектите од мерките кои досега се дадени се со цел да излеземе со реалните потреби на туристичката индустрија и воопшто бизнисот во нашата земја, вели Јаневски.
Додава дека тоа што можеби требаше да го направат пред неколку години сега се враќа како бумеранг, потенцирајќи дека тоа што можеби го зборувале и тоа што заеднички го носеле е дека повеќе зелени хотели на Охрид и на Струга нема да им недостасува.
Соларните панели, вели, веќе се местат, но тие можеа да се наместат и малку порано, но можеа и малку подоцна.
Треба да се помогне во туристичката индустрија на тие кои работеле и прометно влеале поголем данок. И 2022 година покажавме дека имаме голема сива зона во туристичката индустрија. Таа не може да помогне на никого. Не се откажуваме од тие кои на некој начин „кубурат“ и сеуште не се вратиле од шокот од пандемијата, но таа не треба да ни биде изговор за можеби нашите недостатоци кои овие две години неуспеавме да ги надминеме. Нас пандемијата не не спречи можеби да имаме туристичка полиција, инспекција, подобар Закон за туристичка индустрија, некако ги занемаруваме кога сето ова е во прашање, а бараме поддршка од државата. Да бидеме пореални да и погледнеме на кризата во очи, додава Јаневски.
Во однос на затворање на хотелските капацитети поради економската криза, Јаневски вели дека не очекува драстично затворање бидејќи тоа негативно ќе се одрази воопшто на имиџот на дестинацијата.
Очекувам цените да се ревидирани според трошоците кои што се, бидејќи во овој случај веќе и фиксните трошоци се зголемени и очекувам аранжманите да бидат корегирани толку колку што се зголемени одредни цени. Ако имаме зголемување на цените до 20, 30 проценти очекувам и аранжманите да бидат нивелирани или зголемени за одреден процент, додава.
Проф. д-р Науме Мариноски вели дека мора да се има предвид дека се работи за тешка ситуација во сите сектори, но туризмот е најекспониран во тој поглед и угостителството.
Општата мобилност ќе се намали, а енергетската криза ќе ги засегне сигурно хотелиерите и угостителските работници воопшто. Мислам дека приоритетно е сега да се интервенира во овој сектор за да можеме сега да дадеме пас за наредниот период, идните години кога претпоставувам дека ќе имаме благосостојба во меѓународните односи. Засега е многу проблематично бидејќи имавме криза за криза и тоа прилично го уништи целиот овој сектор. Мора да се сфати ова сериозно бидејќи ќе ја испуштиме шансата да им помогнеме на овие деловни субјекти, после многу потешко ќе може да се ревитализираме. Погубно е не само од гледа точка на тоа дека хотелиерите тешко ќе можат да ги рестартираат своите капацитети, туку затоа што ќе ја изгубиме туристичката клиентела и ќе имаме максимална оттуѓеност на секторот со заинтересираните страни, додава Мариноски.
Во нашата држава, вели, сеуште не е прогласена вонредна состојба, но ако направиме анализи сите параметри укажуваат на тоа дека е многу сложен процесот и во вакви услови би морало да се води сметка за посетителите односно тие кои резервирале сместување во хотелските и другите угостителски капацитети.
Инаку, АППТ во рамки на проектот од ИПА 2, денес во Струга ја одржа првата од сетот работилници во коишто покрај тоа што се претставува самиот проект предвидени се и обуки за активни форми на туризам и како тие влијаат врз локалниот економски развој. Следни вакви работилници ќе се одржат во Битола и Струмица. Во самиот проект дополнително се предвидени и десет стартапа и инволвирање на младите луѓе до 29 години да размислуваат за туризмот, активните форми на туристичката понуда и да размислуваат што повеќе да основаат свои компании, но и да отпочнат бизниси токму во оваа сфера.
Н.С.Ј.














