Голем е процентот на охриѓани, кои секојдневно доставуваат поплаки во локалната канцеларија на Организацијата на потрошувачи на Македонија. Во изминативе три месеци, во ова биро извршение се вкупно 76 советувања, а најчесто потрошувачите се жалат на квалитетот на прехранбените артикли, манипулацијата со тежина кај одредени продукти, како и сомнителниот квалитет кај техничките производи.
Целта на ова биро кое со години функционира во Охрид, е да ги промовира правата на потрошувачите, но и Законот кој ги штити истите од сите неправилности на пазарот.
„Советодавното биро нуди општо-правно советување лично и телефонски. Основна цел на оваа организација е да не молчиме, туку секогаш кога сме оштетени или изманипулирани, тоа јавно да го прокоментираме и пријавиме. Работиме секој ден од 09 – 12.30 часот, со седиште на ул. Ѓорче Петров зграда „Гранит“ лам 2 локал 1. Граѓаните можат да се обратат и на телефонскиот број 046/ 523 348“ – објаснува Вангел Спироски, претседател на Организацијата на потрошувачи во Охрид.
Сомнителен квалитет на прехранбените и техничките производи
Најголем број од поплаките кои стигнуваат во локалната организација на потрошувачи се однесуваат на прехранбените продукти со изминат рок и нечитлива декларација, додека кај техничките производи охриѓани реагираат на сомнителниот квалитет и потекло.
„Голем е процентот на поплаки кои се однесуваат во областа од исхраната и тоа на производи со изминат рок на употреба или со нејасна и нечитлива декларација. Тука е манипулацијата во тежината – грамажата. Потоа проблемите со гаранција и гарантен лист за сложено технички производи како пегли, правосмукалки, телевизори, мобилни телефони, кои после првата употреба се расипуваат или покажуваат недостатоци. Истите укажуваат дека на пазарот се нудат производи со многу сомнителен квалитет и потекло.“ – додава Спироски.
Фалсификувана облека?
Како што информираат од локалната канцеларија на Организацијата на потрошувачи на Македонија, охриѓани често се жалат и на облеката и обувките со сомнителен квалитет.
„Бројни се претставките кои се однесуваат и на облека и обувки купени како оригинални, а со квалитет на фалсификат.“ – потенцира Спироски.
Соработка со Пазарниот инспекторат
Во речиси сите случаи, претставките доставени до Пазарниот инспекторат во Охрид се позитивно решени и тоа во полза на потрошувачите.
„За пофалба е и тоа што веднаш, откако ќе ги запознаеме потрошувачите за нивните права, тие најчесто сами си го решаваат проблемот со трговецот без интервенции од пазарниот инспекторат, укажувајќи му дека постои организација која ги промовира нивните права, но и Закон кој ги штити од сите неправилности на пазарот.“ – вели Спироски.
Совет за заштита на потрошувачи
Советот на општина Охрид неодамна даде зелено светло за формирање Совет за заштита на потрошувачи со цел подобрување на животот на охриѓани. Во советот членуваат стручни лица кои беа избрани по претходно извршена комуникација со повеќе институции во градот, кои дале свои предлози за луѓе кои ќе станат дел од новоформираниот совет.
„Функцијата на советот е да прима поплаки од граѓаните во однос на цените на услуги во градот, но и во однос на квалитетот на услугите, кои потоа би се разгледувале во локалната самоуправа и би се контактирало со самите даватели на услугите со цел евентуална корекција на цените и услугите во однос на дадените забелешки.“ – информира неоддамна секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
О.Т.












