На денешен ден во 1903 г. почна Илинденското востание на македонскиот народ против османлиската власт, што се смета за еден од најзначајните настани во нашата историја.  За време на востанието се водеа битки кај селото Смилево, Демирхисарско, на Слива и на Мечкин Камен, Крушевско, кај Карабуница, Кичевско, кај селото Арменско, Леринско, Чаништа, Мариовско, како и во месноста Рашанец – Охридско, каде се водела една од најкрвавите илинденски битки.


Охридските илинденци

Во Охрид востанието кое го предводел војводата Христо Узунов се одвивало во осумдесетина села. Кај Рашанец охридските востаници за да го спасат населението од терор и колеж формирале бегалски логор каде имало 2000 луѓе.  Логорот го обезбедувале 120 востаници кои не можеле да се спротистават на 3000 турски аскер во одмазничкиот налет. Масакрот во Рашанец траел 15 часа. Околу 200 мажи и жени биле убиени, а сите преживеани моми и жени биле силувани. На турска страна загинале 200 војници.

Охриѓани денеска им се поклонуваат на Илинденците кои несебично ги дадоа животите за слободата што во втората светска војна беше потврдена на вториот Илинден во манастирот Прохор Пчински каде на Првото заседание на АСНОМ беа удрени темелите на македонската држава.

Ohridnews