Пловењето со рекреативни чамци на Охридското Езеро може да биде исклучително опасно доколку не се почитуваат пропишаните безбедносни мерки кои туристите често ги игнорираат или, пак не се доволно информирани, предупредуваат познавачите на состојбите на Охридското Езеро. Деновиве две млади момчиња од Скопје минаа 8 часа ноќе на отворено езеро, откако нивниот гумен чамец беше буквално однесен од силните бранови и струи. Случајот за среќа добро се заврши, но од него треба да се извлече поука, велат од охридската Капетанија.

-Една од основните препораки кои што ние ги даваме како Капетанија е секогаш  луѓето да се движат во оној дел од езерото според нивните можности и нивните вештини за пливање и управување со чамец и не случајно постојат правила за мининална и максимална одалеченост од брегот и секое непочитување на овие мерки завршува со случај како тој од пред некој ден.-изјави Горан Устијаноски – раководител на Капетанијата на пристаништа во Охрид.

Рекреативците со реквизити за спорт и забава на вода како гумени чамци, кајаци и сите други пловни објекти без сопствен погон на мотор смеат да пловат само до 1000 метри од брегот, но ретко каде на крајбрежјето може да се сретне информативна табла со правила за рекреативна пловидба.  Во месец мај спасувачките екипи два дена трагаа по кајакари од Унгарија кои непријавени пловеа по Охридското Езеро, но за среќа без последици.

-Се работи за нивна неинформираност. Ние како Капетанија се трудиме да даваме препораки но не секогаш успеваме затоа што техничкиот потенцијал е таков како што е, задоволитетлен е, но треба да се стремиме уште повеќе.-додаде Устијаноски.


Колку Охридското Езеро може да биде опасно дококу не се познава добро и се игнорираат безбедносните мерки, говорат искусните охридските бродари Тие укажуваат дека езерото е многу непредвидливо и не смее да се потценува затоа што при промена на времето за краток период мирните води можат да се претворат во силни бранови.

-Има една поморска изрека Ако видиш дека невреме се подготвува седи каде што си, а ако те фати невреме на отворено езеро бори се да стигнеш до брегот. – вели бродарот Лазо Петрески.

Освен спомнатите два случаи кога рекреативци западнаа во неволја, оваа година не се регистрирани посериозни инциденти во водниот сообраќај на Охридското Езеро. Од Капетанијата информаираат дека одлуката за ограничување на пловидбата на скутери и брзи чамци во главно се почитува, а бројот на прекршоци е намален за 80 проценти.

Г.М.