Европската комисија во Брисел по третпат ја потврди препораката за старт на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Еврокомесарот за проширување, Штефан Фуле пред Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, посочи дека решавањето на спорот со името е клучно за почеток на преговорите.

– Остануваме на нашата препорака за почнување на пристапните преговори. Перспективите за интеграција во Европската унија се двигател за продолжување на реформскиот процес. Сепак, со продолжување на спорот за името мотивираноста за реформи е намалена. Постигнат е мал прогрес во текот на изминатава година. Суштествените предизвици остануваат – независноста на судството, реформите во јавната администрација и борбата против корупцијата. Слободата на изразување и натаму останува сериозен предизвик. Затоа клучно е да се постигне прогрес за прашањето за името. Решавањето премногу се одолжува, рече Фуле, презентирајќи ги извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ во 2011 година.

Фуле  го претстави и пакетот за проширување на Европската унија. Тој нагласи дека постигнатиот напредок во земјите кандидати за членство, потврдува дека политика за проширување која ја спроведува Европската комисија е кридибилна и оти води кон конкретни резултати, оти земјите кандидати се ангажираат во реформи, со оглед дека процесот на проширување, меѓу другото, дозволува да се зацврсти стабилноста на континетот.

Ohridnews