Министертвото за внатрешни работи на Република Македонија денес потврди дека 20-те икони кои беа пронајдени во Албанија, се укредени од Македонски цркви. Според полицијата иконите потeкнуваат од црквите кои се лоцирани во селата Радожда, Буринец и Селце од Струшкиот регион, како и од селата Ѓавато и Перово од Битолскиот регион.

-Минатата недела, поточно на 23-ти декември во Тирана, Албанија беше остварена работна средба помеѓу претставници на албанската и македонската полиција како и претставници од Министерството за култура на Република Македонија, во врска со поголем број на икони и црковни предмети кои беа пронајдени и одземени во рамките на полициската акција која ја спроведе албанската полиција во Тирана во октомври годинава. Притоа, поради основано сомнение дека дел од иконите и црковните предмети се украдени и потекнуваат од територијата на Македонија, од страна на македонските претставници беше извршен увид на истите при што идентификувани се вкупно 20 икони кои потекнуваат македонски цркви, стoи во соопштението на МВР.

Во него се потенцира дека за дел од идентификуваните икони веќе се публикувани монографии и научни трудови.

-Две од иконите се лично изработени од страна на Дичо Зоограф, а три икони кои потекнуваат од црква од струшкото село Радожда  (Исус Христос со книга, Богородица со дете и Св.Никола) од страна на ИНТЕРПОЛ веќе се објавени за украдени. Помеѓу идентификуваните предмети се и царски двери кои претходно биле исечени, но истите се составени од страна на албански експерти-историчари на уметност, информираат од МВР.

Од страна на албанскиот Јавен обвинител, а за потребите на Судската истрага која се води во Албанија, побарано е најдоцна во рок од 15 дена да биде доставена документација односно досие за потеклото на секоја икона посебно. Во координација со претставници од Министерството за култура во тек е изготвување на наведената документација која во прилог ќе содржи и научна публикација каде се објавени иконите.

OhridNews