Повеќе од 60 деца на возраст од 7-12 години од ООУ „Св. Наум Охридски“- Пештани беа дел од проектот „Учиме да ткаеме“ кој се реализираше како дел од годишната програма на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Проектот, како што информираат од Установата, започнал со посета на трло кое се наоѓа во Струшкиот регион каде децата имале можност, повеќето за прв пат, одблиску да видат трло со овци и да ја допрат волната со раце.

Го видоа и процесот на стрижење на волната и научија како понатака волната се обработува за да стигне до нишка за ткаење. Следуваше презентација на традиционално ткаење на разбој во Спомен домот на браќата Миладиновци во Струга и секое дете имаше можност да види разбој, да седне и да се запознае со начиниот на ткаење.

Проектот, велат, продолжил со посета на Куќата на Робевци каде што децата се запознале со тоа што е Музеј и која е работата на музејот.

Во рамките на посетата децата ја разгледаа етнолошката поставка во куќата, имаа можност да видат многу музејски предмети меѓу кои и предмети изработени од волна со процес на ткаење. Користејќи дел од музејските експонати (гребени, фурка, вретено) децата го видоа процесот на влачење и традиционалното предење на волната. Непосредната работа на децата на рамки за ткаење се одвиваше во музејскиот културен центар Лапидариум каде што секое дете изработи производ според својата идеа и замисла и најважно со свои раце.

Водители на проектот биле дипл.инж.технолог Митаноска Билјана-конзерватор; Мишева Оливера -виш кустос етнолог, додека членови на стручниот тим: Иван Малезанов -кустос археолог; Катерина Велкоска-кустос историчар на уметност.

Во реализација на проектот со огромен ентузијазам и љубов кон децата, традицијата и музејската работа учествувале и Фанче Бакулеска, Катерина Размоска, Елена Стрезоска, Иван Стрезоски и Бојан Тасетовиќ.

Од НУ Завод и Музеј упатуваат благодарност за соработката при реализација на проектот до директорката на ООУ„Св.Наум Охридски“- Пештани Валентина Рубаноска и наставниот кадар на училиштето, директорката на НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“-Струга – Цветлана Василевска, Стојан Петкоски- сопственик на трлото, Велика Нестороска -чувар на ткајачката вештина и Весна Илинчев -презентер на традиционалното предење.

Проектот се реализира во година кога НУ Завод и Музеј -Охрид одбележува 75 години јубилеј од основањето и во рамки на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“.

НУ Завод и Музеј покрај својата редовна стручна дејност продолжува посветено да работи и на едукативни активности со цел запознавање и доближување на младите со корените и традицијата и промовирање на нашето богато материјално и нематеријално културно наследство.

Проектот е целосно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.

OhridNews