Со пеење на песната „Вечниот бог“ и носење на пештерата која го симболизира христовото раѓање по јубилејни десети пат на 6-ти јануари ќе се одржи во Охрид, Бадниковата поворка. Подготовките се во тек, а според координаторот на поворките во Дебарско-кичевската епархија, Летка Филипова, оваа година бројката на дечиња ќе надмине шестотини.
После две години копнеж за поворката оваа година има голем одзив и бројката се надевам ќе надмине над шестотини. Очигледно е и дека децата го сакаат овој настан и мислам дека е нешто единствено во градот за децата што се случува така убаво и возвишено. Оваа година имаме пријавени околу 600-тина деца, но оваа бројка не е конкретна бидејќи со самото тргнување на поворката се приклучуваат деца кои ја знаат песната од претходните години, а не доаѓаат на проби. Очекувам дека оваа бројка ќе биде надмината, вели Филипова.
Новина вели годинава е што поворката ќе ја предводи поп пејачот Ѓоко Танески, а истата ќе тргне како и секоја година од црквата Св. Ѓорѓи на самиот ден Бадник, 6-ти јануари.
Во 9.30 часот е собирање на групата, а тргнувањето на поворката е во 10 часот и истата ќе се движи по улицата „Јане Сандански“, се врти на кружниот тек кај Гимназијата десно по „Туристичка“, потоа на кружниот тек кај Охридска банка се врти лево, па потоа кај Ваикики каде се врти десно кон малиот плоштад и по самата чаршија до пештерата која е поставена на плоштадот. Таму децата ќе бидат пречекани од градоначалникот Кирил Пецаков и советниците и ќе бидат дарувани со пригодни подароци, пакетчиња, додава Филипова.
Истакнува дека и во Струга и струшките села имаме исто голем интерес, и дека има една помала поворка и во селата Дрслајца и Мислешево.
Оваа година кај нас имаше интерес од Лескоец, но не успеавме да се искоординираме. За следната година ќе имаме уште една помала поворка во Лескоец. Во Велгошти веќе неколку години имаме поворка која има интерес од 150 деца. Од Дебрца се приклучуваат 50-тина деца кон поворката во Охрид. Оваа година имаме и околу 25 деца од Здружението за инвалиди, па пештерата ќе ја носи и едно детенце од нив. Нема исклучок за никого на овој ден да ја доживее и пренесе радоста, секој е добредојден да биде присутен, потенцира.
Инаку, денес беше одржана генералната проба во спортската сала во ОУ „Христо Узунов”.
Н.С.Ј.