„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин од 26-30 август под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.

Со најновиот развој на настаните, фестивалот ќе се  организира со физичко присуство на домашните поети и најголемиот дел од поканетите учесници од странство. Помал дел од странските поети што од објективни причини нема да можат да бидат физички присутни ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.“ велат организаторите

Специјално видео обраќање како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во периодот од 26 до 30 август и ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Во склоп на програмата се предвидени меморијални чествувања на доајените на македонската поезија Анте Поповски и Богомил Ѓузел, а како специјален настан е промоцијата на монографскотото издание „Избор од поезијата и кратката проза од Блаже Конески“ како дел од Националната  програма со која се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот на македонската култура.

Фестивалот ќе се одржи со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од корона вирусот. Физичкото присуство на публиката ќе биде ограничено поради капацитетот на просторот и поради протоколите за заштита, со задолжително приложување на сертификат/потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан Ковид – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Во согласност со најновите мерки за заштита, оваа година, исто како и минатата, свеченото отворање и затворање на Фестивалот ќе се одржи на  покриената тераса на хотел Дрим. Во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел Дрим, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“

 

 

ОhridNews

Фото: Архива