После 25 години, ова лето за прв пат беше воведена долгонајавуваната чартер брод линија на релација Охрид-Поградец. За нешто помалку од три месеци, повеќе од 800 патници се превезени од градското пристаниште во Охрид до другата страна на езерото.
Охридските бродари потврдуваат дека новата линија, чија последна „тура“ за оваа година беше на 15-ти овој месец, била доста примамлива не само за месното население, туку и за туристите кои на ривиерата дошле од сите краеви на светот.
„Како брод „Галеб“ ја презедовме обврската за превезување патници на реалција Охрид-Поградец. Се работеше за чартер пловидба преку полузатворена граница, со најава на патниците 24 часа пред поаѓањето. Еднаш неделно тргнувавме од градското пристаниште, а гости имавме од речиси сите европски држави. Понудата беше доста интересна, бидејќи се работи за еднодневен излет долж крајбрежјето.“ – вели Јусуф Идриз, капетан на бродот „Галеб“.
Идеја стара речиси 25 години
Охридскиот бродар Идриз, вели дека идејата за езерско поврзување на Охрид и Поградец потекнува уште од крајот на 80-тите години од минатото столетие.
„Идејата потекнува уште од 1989 година, кога се воспоставија блиски врски помеѓу трите града, Охрид, Струга и Поградец. Се планираше отворање на линијата, но ете после толку години работите си дојдоа на свое место.“ – вели Идриз.
До Поградец повторно од 15-ти мај?
Според сознанијата на бродарите, бродската чартер линија која сообраќа на релација Охрид-Поградец, повторно ќе биде отворена на 15-ти мај идната година.
„Договорот за овогодинешната чартер линија заврши на 15-ти септември, а според нашите сознанија истата повторно ќе се отвори на 15-ти мај идната година. Дали ќе биде од овој тип или не, тоа зависи од ресорното министерство и нормално, договорот помеѓу Македонија и Албанија. Оваа година линијата беше еден вовед, увидовме како се работи и какви се условите, се со цел да ги задоволиме потребите на нашите гости.“ – објаснува Идриз.
Обострана соработка?
Голем дел од домашните туристички работници се надеваат дека идната година, и во Охрид ќе се реализираат еднодневни излети на туристи кои ќе поаѓаат од пристаништето во Поградец.
„Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголема заинтересираност. Оваа година соработката беше еднострана, односно ние носевме гости. Желбата на сите е релацијата да биде обострана, бидејќи Охрид и крајбрежјето имаат што да понудат на туристите. Тоа би било добро и за самите тустички чинители од градот.“ – потенцира Идриз.
Работа за бродарите и во претстојниот период
Очекувањата на охридските бродари за месеците септември и октомври се позитивни, ако се земе предвид фактот дека во овој дел од годината, градот ќе биде домаќин на голем број семинари, симпозиуми и конгреси.
„Ние имаме најави за тури посебно во септември и октомври, знаеме дека пред и после сезона почнуваат екскуризии, семинари, конгреси и симпозиуми, така да во овие два месеци ќе имаме работа. За ноември имаме, но не е тоа тоа. Очекуваме после ноември мала пуаза, па потоа следува Нова Година и останува припремата за следната 2015.“ – вели Идриз.
О.Т.