Фудбалската школа Охрид 10 Јуниор повеќе од успешно ја помина 2012 година. Учествуваа на турнирот во Охрид во организација на “Фер Плеј“ каде освоија два бронзени медали. Покрај тоа школата имаше летен камп во кој продефилираа повеќе од 50 дечиња.

– Годината што изминува е успешна во секој поглед за фудбалската школа Охрид 10 Јуниор. Настапивме на турнирот во Охрид и забележавме одлични резултати, освојувајќи две бронзи. Потоа успешно го реализиравме летниот камп во Љубаништа. После овие манифестации бројот на членови во школата се зголеми значително. Успеавме да се екипираме и да ангажиравме физиотерапевт да се грижи за здравјето на дечињата. Обезбедивме комплетна опрема за тренинзи и натпревари затоа сметам дека во 2012 година остваривме се што имавме замислено во 2011 година – посочи тренерот на Охрид 10 Јуниор, Наум Јанкуловски.

Во следната 2013 година фудбалската школа Охрид 10 Јуниор ќе работи по програма. Планирани се турнири од меѓународен карактер, пријателски натпревари, учество на турнирот во Охрид како и посета на летниот камп во Љубаништа.

– Програмата за активностите на школата Охрид 10 Јуниор е готова за 2013 година. Во неа се запишани учества на меѓународни турнири во Србија и Бугарија, повторно организирање на летен камп како и многу рекреативни настани преку целата година во Охрид – потенцираше Јанкуловски.

Фудбалската школа Охрид 10 Јуниор на фудбалска сцена опстанува од 2010 година. Моментално школата брои педесет дечиња со тенденција за зголемување.

– На дечињата им препорачувам што повеќе да се спортуваат и да играат фудбал, а помалку да седат на компјутер. Зошто играњето фудбал значи пред се здравје, правилен раст и развој како и стекнување на нови пријателства. Вратата на фудбалската школа Охрид 10 Јуниор е отверена за сите дечиња кои сакаат да ја откријат магијата на фудбалот – заврши Јанкуловски.

Мх.П.