Бројот на превезени патници на аеродромите во Македонија во првите два месеци од оваа година се зголемил за повеќе од 20 отсто, информира Министерството за транспорт и врски.

Според нивните податоци, во јануари оваа година од двата патнички аеродроми во Република Македонија – аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени вкупно 63.877 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 51.710 патници што претставува пораст од 23 отсто.

Во февруари, бројот на превезени патници изнесувал 48.756, што е 21 отсто повеќе од 40.216-те патници кои биле превезени во истиот месец минатата година.

Граѓаните најмногу патувале во Цирих, 26 отсто од вкупниот број на патници, 14,3 отсто  за Истанбул, 12,7 за Љубљана, 7 отсто за Дизелдорф, 6,1 отсто за Љубљана, а помалку од 6 отсто за дестинациите Белград, Загреб, Лондон, Будимпешта, Прага, Тревизо, Рим, Анкона и Измир

„По реализирањето на проектот за модернизација на македонскиот аеродромски систем по пат на концесија, забележан е континуиран раст на бројот на патници и летови. Имено, во текот на 2011 година на двата аеродрома во Република Македонија биле превезени вкупно 834.273 патници што претставува пораст од 15 отсто во однос на 725.472 превезени патници во текот на 2010 година. Освен во превозот на патници, забележан е пораст и во карго-превозот од 9,8 отсто“ се вели во сопштението од Министерството.

OhridNews
Извор: ,,Макфакс”