Во иднина малку поголем акцент треба да се стави на обновливите извори на енергија, оттаму што добриот, интегрален пристап покрај енергија креира и голем број нови работни места и инвестиции, истакна вицепремиерот Пешевски на 6-та Конференција на балканската комуникациска мрежа на тема „Енергијата, безбедноста и хуманиот развој“, што во организација на Македонската академија на науките и уметностите и Турско-азискиот центар за стратегиски истражувања се одржува во Охрид.

Пешевски истакна дела речиси сите стратешки документи изготвени во Македонија во областа на енергетиката се изработени во соработка со МАНУ и дека таквата практика  ќе продолжи и во иднина.

Академик Јордан Поп-Јорданов посочи дека во рамките на МАНУ функционира Центар за енергетика и информатика, кој активно е вклучен во реализација на повеќе проекти, финансирани од Европската унија.

-Во реализацијата на тие проекти учествуваат сите држави од регионот, и од Бугарија и од Србија, од Грција, од Албанија. Соработката се одвива перфектно, реализацијата напредува оттаму што се работи за проекти од областа на енергетиката, заштитата на животната средина, а истовремено се надгледувани од Брисел, рече Поп-Јорданов.

Конференцијата на која учествуваат педесетина претставници од осум национални центри за стратегиски истражувања и на т.н. „тинк-тенк“ организации од балканските држави, се одржува во Куќата на Уранија  –  клон на МАНУ, кој според најавите на Академијата треба да прерасне  во книжевен и културен центар, кој истовремено би бил и седиште на Асоцијацијата на балканските академии и науки која допрва ќе се формира.

OhridNews