Општина Охрид објави јавен повик за поднесување барања за добивање субвенции на уплатена такса за привремен престој на домашни и странски туристи, за физички лица вршители на угостителска дејност во општина Охрид.

Целта на оваа активност е поттикнување на физичките лица запишани во регистарот на физички лица вршители на угостителска дејност во oпштина Охрид уредно да ја водат евиденцијата за престојот на гостите во својот сместувачки објект, со што ќе се стимулира редовната наплата на ТПП и ќе се избегне нејзиното прикривање.

  • Висината на Субвенцијата изнесува 80% од уплатената такса за примвремен престој по основ на вкупниот број на остварени ноќевања за периодот од 01.07 – 31.12.2018 година, потенцираат од локалната самоуправа.

Регистрираниот давател на услуги од мал обем (станоиздавач) ќе биде обврзан за средствата во висина од субвенционираната Туристичка такса да набави опрема, мебел и други производи за опремување неговиот сместувачки капацитет. Набавката претходно мора да биде одобрена од Комисијата формирана од Градоначалникот на општина Охрид. Исплатата ќе се врши по приемот на фискалните сметки, фактури или други финансиски документи како доказ за извршената набавка. Субвенциите не покриваат извршување на градежни активности.

Вкупниот износ на субвенциите не смее да го надминува предвидениот износ одобрен во Програмата Г2 за тековната година. Во случај на пристигнати барања за субвенции во вкупен износ поголем од предвидениот со Годишната Програма, ќе се применува принципот „прв дојден – прв услужен“ се до исполнување на предвидениот износ.

Крајниот рок за пријавување е до 31.01.2019 год.