Невработените охриѓани кои имаат навршено 40 години, мака мачат да најдат работа. Ретки се охридските работодавци кои примаат лица во средни години, а на огласите за вработување исклучиво се бараат лица кои немаат повеќе од 30 години. Евиденцијата во Агенцијата за вработување, неколку месеци наназад покажува дека околу 60 % од невработените охриѓани се со навршени 40 години.

Заклучно со март 2014 година, од вкупно 4.269 невработени охриѓани, според старосната распределба најголем број или 2.571 им отпаѓа на лицата со над 40 години. На возраст од 30 до 40 години евиентирано е 721 невработено лице, а преку Центарот за вработување во Охрид работа бараат и  977 лица, помлади од 30 години.

-Речиси секогаш работодавците бараат да вработат помлади кадри за своите потреби. Оние кои што активно бараат работа, а имаат навршено над 40 години, ние активно ги нудиме на пазарот, но сепак конечната одлука ја носи работодавецот, велат од Центарот за вработување од Охрид.

Според временскиот рок на чекање вкупно 704 лица од Охрид , за вработување чекаат повеќе од 5 години. Од 2 до 4 години работа бараат 983 невработени охриѓани, а од 6 месеци до 2 години во евиденцијата на невработени запишани се 1.106 лица. Бројката на невработени кои чекаат за вработување помалку од 5 месеци изнесува 1.476 лица.

Според степенот на обазование меѓу навработените најмногубројни се оние со завршено средно образование или 1.236 лица. Втори по бројност се невработените со непотполно средно образование со бројка од 1.010 лица, а трети по бројност се невработените со основно образование или 952 лица. Со вишо образование работа нема за 201 лице, а факултетска диплома имаат 828 невработени охриѓани.

Е.М