Ракометарките на Лихнид минатиот викенд продолжија со победите во женската Пионерска лига. Последниот триумф во лигата против екипата Велкова 5, охриѓанки скапо ги чинеше.
Една од најдобрите ракометарки на екипата, Тамара Маркоска заработи фрактура на десната нога и сезоната за неа е завршена. Рехабилитацијата се очекува да трае повеќе од еден месец, а „китовите“ имаат уште три кола до крајот на сезоната и завршниот турнир доколку се пласираат во завршницата. Соиграчките на Тамара на несебичен начин и изразија поддршка посакувајќи и брзо опоравување и враќање каде и е местото.
Од тимот велат дека до крајот на сезоната ќе мора да се борат без главниот двигател на екипата.
– За жал, на последниот натпревар, една од најдобрите ракометарки заработи повреда и на неа нема да можеме да сметаме до крајот на сезоната. Маркоска е моторот на екипата која секогаш игра со целата своја снага и срце на теренот и нејзиното отсуство значително ќе ни ја отежне работата во понатамошниот тек од сезоната и остварување на целта, односно пласман на завршницата. Исто така, оваа полусезона, уште од почетокот, не можеме да сметаме и на Ивона Блажеска, која имаше хирушки зафат на ногата, но се надеваме дека наскоро ќе ни се прилкучи. Иако по многу потежок пат, ќе сториме се да играме на завршниот турнир кој се игра во средината на април. – велат од клубот.
Ракометарките веќе викендов продолжуваат со натпреварите против екипата на Преспа во Ресен. Натпреварот се игра во сабота со почеток во 12:30 часот.
OhridNews