На Факултетот за туризам и угостителство се одржа првата работилница од проектот на УНИДО на тема „Утврдување на заеднички активности и визионирање на кластерот за туризам во охридскиот регион“.
Работилницата на која учествуваа претставници од УНИДО, Секторот за туризам и локален економски развој, Факултетот за туризам и угостителство, како и кластерот за туризам составен од 25 идентификувани чинители во туризмот од овој регион, имаше за цел да се воспостави дијалог помеѓу сите субјекти во туризмот во Охрид, заеднички да се изгради визијата и да се дефинираат активностите кои ќе придонесат кон остварување на посакуваните цели за развојот на туризмот во Охрид.
Главната цел на проектот „Потикнување на одржливи врски и развој на кластери во македонскиот туризам“ е да го стимулира економскиот развој и вработувањето во регионот на Охридското Езеро и регионот Тиквеш и да се направи поврзување на езерскиот и винскиот кластер.
Покрај општините Охрид и Кавадарци, во проектот ќе бидат вклучени и Министерството за економија како и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Инаку, со оваа активност Охрид станува партнер во проектот на Агенцијата за индустриски развој на Обединетите нации.
OhridNews