Охридскиот Основен суд, во рамки на повтореното судење,  ја потврди, претходно донесената пресуда во случајот со убиството на охриѓанецот Александар  Ангелески (30). На прво-обвинетиот, Живко Ангелески, кој се товари за грозоморното убиство на својот брат, судот му ја потврди казната доживотен затвор.  Зоран Јовески, кој го помагал во делото,  наместо претходно изречените 12, на повтореното судење доби 6 години затвор.

Убиството, според Судот, се случило минатата година во семејната куќа на Ангелески во период од 30-ти ноември до 3- ти декември 2009 година. Истрагата покажала дека Живко најпрвин го удрил по глава неговиот помлад брат со тврд предмет, потоа му нанел неколку убодни рани по телото и главата и на крај го искасапил мртвото тело на делови. Зоран Јовески пак му помогнал да ги транспортира деловите од телото до местото каде беа пронајдени, на патот кој води до Велестово.

Основниот суд во Охрид во декември минатата година донесе пресуда според која Живко Ангелески доби казна доживотен затвор, а Зоран Јовески се осуди на 12 години затвор. По обжалување на пресудата, Апелациониот суд во Битола, делото го врати на повторно судење во Охрид.

OhridNews