Во охридскиот Основен суд денес се одржа рочиште од повторениот судски процес против Живко Ангелески, обвинет дека го искасапил сопствениот брат и Зоран Јовески кој помагал во извршувањето на кривичното дело. Имено, Основниот суд во Охрид во декември минатата година донесе пресуда според која Живко Ангелески доби казна доживотен затвор, а Зоран Јовески се осуди на 12 години затвор. По обжалување на пресудата, Апелациониот суд во Битола, делото го врати на повторно судење во Охрид.
На денешното рочиште, од страна на бранителот на Ангелески, Ристо Новакоски, беше побарано да се отстранат пропустите направени во првостепената постапка при изведувањето на доказите, квалификацијата на делото помеѓу прво и второобвинетиот.
Денес повторно беа ислушани обвинетите Живко и Зоран, бројни сведоци роднини и пријатели. Беа изведени и сите досегашни докази, а завршен збор даде обвинителот Оливера Проеска. Одбраната своите завршни зборови ќе ги каже на 30 мај кога треба да биде донесена и пресудата.
Убиството, според Судот, се случило минатата година во семејната куќа на Ангелески во период од 30-ти ноември до 3- ти декември. Истрагата покажала дека Живко најпрвин го удрил по глава неговиот помлад брат со тврд предмет потоа му нанел неколку убодни рани по телото и главата и на крај го искасапил мртвото тело на делови. Зоран Јовески пак му помогнал да ги транспортира деловите од телото до местото каде беа пронајдени, на патот кој води до Велестово.












