Повторно е одложен судскиот процес за глисерската несреќа, што на 22 август 2009 година се случи во Охридското Езеро.

Причина за денешното одложување, беше отсуството на бранителот на обвинетиот  Христијан Шапкар, кој се товари дека ја предизвика несреќата, во која животот го загуби скопјанката Ирина Романова-Муцунска (39). Адвокатот на Шапкар, Емил Балабан, како што истакна  судијата Милчо Клишески, бил спречен да дојде на закажаното рочиште поради ангажираност на друг предмет што се води во основниот суд Скопје 1. Судијата Клишески  предупреди дека доколку во иднина се случуваат вакви преклопувања, бранителот ќе треба да назначи заменик за да не се пролонгира постапката.

Судијата Клишески информираше дека и покрај уредно испратеното барање до Управата за хидрометеоролошки работи, до Бирото за метеорологија при Министерството за економија и до Природноматематичкиот факултет во Скопје, сеуште оттаму не е пристигнат извештајот за временските услови на денот на несреќата. Поради тоа судот уште еднаш ќе испрати барање до овие институции околу податоците за видливоста критичниот ден.

На денешното рочиште покрај обвинетиот присуствуваа сведоците освен Жарко Лукоски од Скопје, кому како што беше речено, поканата ќе му биде врачена преку полицијата. Судот ги предупреди сведоците дека доколку не се појават на наредното рочиште, ќе бидат донесени со приведување.

Судскиот процес за глисерската несреќа, што неколку пати се одлага, е презакажан за 21 февруари во 11.30 часот во Основниот суд во Охрид.

OhridNews