Четворицата избрани членови на Привремената комисија за следење на медиумското претставување не се состанаа денеска како што беше договорено и повторно не го избраа петтиот член на ова ад-хок тело кое треба да се формира по договор на париите.
На средбата дошле само членовите предложени од СДСМ, Љубомир Косотвски и Горан Трпеноски, додека членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ не дошле на состанокот.
Според Косотовски ад – хок телото веќе нема мандат да го избере петтиот член бидејќи истекол законски предвидениот рок.
Слаѓана Димишкова, пак, која заедно со Цветин Чилиманов се членови во ова тело предложени од ВМРО-ДПМНЕ вели дека членовите предложени од СДСМ не прифатиле да констатираат дека им е потребен дополнителен рок за избор на петтиот член.
За СДСМ ова е потврда дека ВМРО-ДПМНЕ не сака ослободување на медиумите од притисоците на власта.
„ВМРО-ДПМНЕ ја препишала од соопштението на СДСМ поддршката до членовите на ад хок телото да се избере петтиот член, но не успеале да смогнат сили да ги препишат и критериумите тој да биде експерт од медиумската сфера, признат и почитуван во новинарската професија како гаранција дека независно и слободоумно ќе постапува. Јасно е зошто на ВМРО-ДПМНЕ не му одговара таков член и очигледно е дека Груевски сака ад хок телото да го претвори во партиска марионета каква што е Агенцијата за медиуми“, се вели во рекацијата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ дека се обидува да воведе цензура врз медиумите.
„Аболицираниот криминалец Зоран Заев ќе ја плати цената за сета штета што ја предизвика на граѓаните на Република Македонија и во тоа нема да може да му помогне ниту партискиот уредник што ќе го постави во МТВ, ниту обидот на мала врата да наметне цензори качени на Лада кои скокаат и се закануваат секогаш кога ќе биде притиснато копчето од СДСМ/Сорос“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Агенцијата пак бара од партиите да престанат со волунтаристички оценки за стручноста на регулаторното тело.
„Стручната служба на Агенцијата секогаш совесно, објективно и непристрасно ги спроведувала мониторингот на изборното известување, како и другите надзори, според методологии усогласени со светските правила и практики, Всушност, токму договорот меѓу четирите политички партии со кој се формира Привремената комисија, претставува директен упад во независноста на регулаторното тело“, реагираат од Агенцијата.
OhridNews
извор: „Макфакс“