Судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“, што се води во Основниот суд во Охрид, по втор пат е одложен.

Причина за денешното одложување е непојавувањето на второ обвинетиот Бранко Баиќ, претставник на осигурителната компанија „Лојд“, кој живее во Белград, Србија. Иако тој бил уредно поканет, тој денеска не дојде на закажаното рочиште, поради што Обвинителството побара нему да му се суди во отсуство. Судијката Милка Танеска го одложи судскиот процес со цел на второ обвинетиот Бранко Бајиќ да му биде доставено решението на Судскиот совет, по барањето на обвинителството.

Според најавите судскиот процес ќе продолжи на 28 февруари.

Прв обвинет за бродската несреќа во која животот го загубија 15 бугарски туристи е капетанот на бродот Сотир Филески. Неговите правни застапници и денеска излегоа со тврдење дека Филески не е одговорен за несреќата, бидејќи за него бродот „Илинден“ бил исправен, а за тоа имал и соодветна дозвола од осигурителната компанија.

– Ние мислиме дека Филевски не е виновен и тоа ќе го докажиме. Филевски нема апсолутно никаква вина за несреќата, ниту со надградбата на горната палуба на бродот, оттаму што бродот таков бил купен и уредно регистриран, рече адвокатот Саво Коцарев.

Застапникот на семејствата на жртвите во несреќата, бугарскиот адвокат Владимир Владимиров изрази задоволство што обвинителството побара од судскиот совет да донесе одлука судењето да продолжи, независно дали Баиќ во иднина ќе се појави пред судот во Охрид.

Тој истакна дека техничката експертиза  на бродот „Илинден“ од страна на Машинскиот факултет во Скопје била извршена исклучително професионално, но смета дека би било корисно истата да биде проширена со мислење на  поморски инженери, експерти за навигација и експлоатацијата на бродовите на Охридското Езеро.

– Македонските власти склучиле договор со германски „Лојд“ врз основа на две резолуции од Меѓународната поморска организација со седиште во Лондон, што значи дека Македонија ги применила меѓународните правила за пловидба што важат во целиот свет, рече Владимиров, додавајќи дека и „Лојд“, како овластен бродски регистер што ги издавал дозволите за пловидба на бродовите по Охридското Езеро, треба да е вклучен во техничката експертиза на бродот „Илинден“  што досега не е направено.

Бродот „Илинден“ потона на 5 септември 2009 година во близина на кампот Елешец, на длабочина од околу 6 метри. На бродот кој бил регистриран за 45 патници во критичниот момент заедно со посадата имало 57 лица. Во несреќата животите ги загубија 15 патници.

Г.М.